Нова идеја за реванш финалето во Копа Либертадорес

КОНМЕБОЛ предлага Ривер и Бока да играат во ОАЕ?!

Со оглед на тензиите меѓу навивачите и фудбалерите на двата тима, од КОНМЕБОЛ предложиле реванш финалето да се одигра во Обединетите Арапски Емирати.

објавено: 25 ноември 2018 - 19:30

Јужноамериканската фудбалска конфедерација КОНМЕБОЛ, сериозно размислува за варијанта, финалето од Копа Либертадорес да се одигра на неутрален терен, по големите немири кои се случија во пресрет на реванш дуелот закажан вчера на „Ел Монументал“ во Буенос Аирес.

Ривер Плата и Бока Јуниорс требаше вчера да ја донесат одлуката за новиот клупски шампион на Ј. Америка, но поради страшните немири со повредени фудбалери на Бока Јуниорс, мечот беше презакажан за денеска, но денеска претседателот на КОНМЕБОЛ, Алехандро Домингез, уште еднаш го одложи. Се претпоставува дека токму првиот човек на Јужноамериканската конфедерација предлага од безбедносни причини средбата да се одигра во Обединетите Арапски Емирати.

Токму таму од 12 до 22 декември ќе се одржи Светското клупско првенство, на кое би требало да учествува победникот во дуелот. Во план е шампионот на Јужна Америка ќе се вклучи во трката дури од полуфиналето на 18 декември. Идејата е реваншот од финалето на Копа Либертадорес да се одигра во деновите пред тоа и соодветно победникот да продолжи со престој таму и да учествува во клупскиот шампионат.

Најново во Меѓународен Фудбал