„Летечките магариња“ фатени во измама

Киево остана без три бода на табелата

Тимот од Верона е прогласен за виновен за водење лажно сметководство и лажно преставување профит во висина од 25 милиони евра со фиктивни трансакции на фудбалери со екипата на Чезена.

објавено: 14 септември 2018 - 10:45

Италијанскиот прволигаш Киево остана без три бода на стартот од новата сезона во италијанската Серија А, откако е казнет поради водење „лажно сметководство". Покрај одземањето на бодовите, „летечките магариња" ќе мора да платат и парична казна во висина од 200.000 евра. Имено, клубот беше фатен во лажно прикажување на профит од 25 милиони евра со фиктивно тргување со фудбалери со екипата на Чезена.

Претседателот на клубот, Лука Кампелдели е суспендиран три месеци од каква било активност во фудбалот, објави Италијанската фудбалска федерација.

Иако Киево најави жалба на казната, истата изгледа блага во однос на она што го бараа обвинителите. Тие по прегледот на книгите на тимот од Верона побараа клубот да биде казнет со одземање на 15 бода оваа сезона и да плати исклучително висока парична казна во висина и до 1,5 милион евра.

Оваа одлука значи дека Киево кој досега веќе освои 1 бод во новата сезона, од викендов почнува со -2 бода на табелата во Серија А лигата.

Најново во Меѓународен Фудбал