ДОГОВОР НА ПЕТ ГОДИНИ СО „СТАРАТА ДАМА“

Арон Ремзи во Јувентус, трет најплатен играч во Серија А!

Нема повеќе дилеми, потврдија и водечките англиски медиуми дека велшкиот интернационалец договорил петгодишна соработка со Јувентус, а најавено е дека лекарските прегледи ќе бидат направени в недела.

објавено: 10 јануари 2019 - 11:30

Ремзи го напушта Арсенал на лето како слободен агент, во јуни му истекува договорот со „топчиите". Сметајќи ја целата Серија А, Велшанецот ќе биде трет најплатен играч (8.000.000), пред него само Кристијано Роналдо (31.000.000) и Гонзало Игуаин (9.500.000 евра по сезона).

„Гардијан" пишува дека тренерот Макс Алегри лично инсистирал да бидат обезбедени услугите на 28-годишниот играч од средниот ред кој се очекува да има место во стартниот состав, поточно покрај Пјаниќ и Матуиди на средината од теренот. Тоа практично значи дека Сами Кедира или Родриго Бентанкур ќе го напушти клубот од Торино, а Емре Џан евентуално би останал во ротација.

Дојде во Арсенал пред скоро 11 години за 6.500.000 евра. Одигра 390 натпревари за клубот од Лондон, постигна 65 голови и запиша 67 асистенции. Кај Унаи Емери оваа сезона имаше 25 мечеви во сите натпреварувања, три постигнати голови и седум асистенции.

Јуве има богата традиција кога станува збор за доведување на фудбалери без обесштетување. Тоа беше „специјалност" на поранешниот спортски директор Џузепе Мартоа, но ваквата традиција ја продолжува и неговиот долгогодишен соработник и наследник, Фабио Паратичи. Двајцата во тандем во изминатите години реализирале трансфери на звучни имиња без плаќање на обесштетување, како на пример, Пирло, Погба, Љоренте, Коман, Кедира, Дани Алвеш, Нето, Емре Џан, Лусио...

Најново во Меѓународен Фудбал