ПАКО АЛКАСЕР ПОКАЖА ДВЕ ЛИЦА

„Снајперист“ како резерва, „тапа“ како првотимец

Зошто е подобро Фавр да го чува Пако на клупата, па да го уфрла кога му требаат голови...

објавено: 12 февруари 2019 - 09:30

Напаѓачот на Борусија Дортмунд Пако Алкасер почна да го губи тлото под нозете по фантастичната прва полусезона во Бундес лигата. Токму поради одличните игри и голови, „Милионерите" решија да го откупат договорот од Барселона. Дали избрзаа, или ова е само мал период на слабост на Шпанецот...

Статистиката е немилосрдна. Бројките кажуваат за две лица на шпанскиот интернационалец. Од почетокот на сезоната Шпанецот е бледа сенка на самиот себе, затоа што не се запиша ниту еднаш во листата на стрелци на четири меча на клубот од „Вестфален".

Десет од 12-те гола од есенскиот дел Пако ги одбележа како резервен играч, што е апсолутен рекорд во Бундес лигата. Како резерва дава гол на секои 22 минути, но како првотимец му се потребни дури 201 минута за гол. Огромна разлика, која нема објаснување.

Кога влегуваше од клупата Алкасер шутираше на голот на противникот секои 10 минути, а како првотимец на секои 20 минути. Уште пофрапантна е разликата во односот на шанси за гол. Како „џокер" голгетерот реализирал 83% од шансите, а кога ги почнува натпреварите од првата минута реализацијата му се сведува на смешни 13%.

Додека беше играч на Барселона, Пако дал два гола во 23 меча влегувајќи од клупата. Во Дортмунд има 10 гола во десет првенствени натпревари како резерва (само два од шест меча како првотимец).

Интересно, ако го споредиме Пако со Марио Геце, ќе забележиме дека херојот од финалето на СП 2014 е многу подобар како првотимец отколку како резервен играч. Германецот има два пати акции со топката (46:20) отколку Пако и има повеќе освоени топки (43 отсто наспроти 28 отсто) како првотимец.

За среќа падот на ефикасноста на Пако не влијаеше драстично врз формата на тимот затоа што Борусија уште е лидер, а ги има расположените Марко Ројс, Санчо, Хакими, Гереиро... кои често се впишуваат во листата на стрелци.

Најново во Меѓународен Фудбал