ЧУДНА СУДБИНА ИМА МИЛОШ ДЕГЕНЕК

Бегалецот од Србија кој гордо ќе ја претставува Австралија

Прво бегаше од војната за независност, потоа бегаше од НАТО бомбардирањата на Србија, па се скроти во Австралија чиј дрес ќе го брани на Светското првенство во Русија

објавено: 13 јуни 2018 - 15:31

Милош Дегенек со Австралија ќе се појави на Светското првенство во Русија. Се работи за фудбалер кој има 24 години и кој моментално игра за јапонскиот Јокохама Маринос, а претходно беше член на Штутгарт и Минхен 1860.

Ова момче има дури 18 настапи за Австралија, но и осум настапи за репрезентацијата на Србија до 19 години, иако е роден во Книн, Хрватска. Дегенек е од српска фамилија која поради војната од Книн се преселила прво во Аранѓеловац, а потоа и во Австралија.

Не сум роден во Австралија ниту зборував англиски кога дојдов тука. Искрено, на почетокот целата држава ми изледаше чудно, но денес не можам да ви опишам колку ми значи оваа земја. Каде и да сум, срцето ми е во Австралија. Оваа земја на мене и на мојата фамилија ни даде дом и шанса да изградиме нов живот", изјави Дегенек кој се присетува на војната во поранешна Југославија.


Роден сум во 1994 година за време на војната за независност. Тоа беше тежок период за мене и за мојата фамилија. Немав ни две години кога со татко ми и мајка ми на трактор избегавме во Србија. Имавме само млеко и леб, а оставивме куќа, роднини, пријатели... Тоа е тешка тема. Потоа во 1999 година НАТО ја бомбардираше Србија од незнам кои причини. Никогаш не ни сватив. Имав шест години и си играв со другарите кога првпат се огласија сирените. Тоа означи почеток на бомбардирањето. Одевме во подземен бункер и понекогаш седевме таму и по 48 часа", изјави Дегенек.

 

Живеевме како кучиња, со денови не гледавме сончеви зраци. Ако си заспал, не знаеш дали ќе се разбудиш. Но во бункерот беше посигурно отколку надвор. Од друга страна се плашевме да не се урне зградата. Ја мразам војната. Тоа беше одвратно искуство, многу луѓе беспотребно умреа. И уште не можам да сватам зошто", рече Дегенек за порталот Playersvoice.com.au.

Најново во Меѓународен Фудбал