АНГЛИЧАНИТЕ НЕ ПРАЗНУВААТ

Лестер како некогаш, Арсенал убедлив во малото лондонско дерби

„Топчиите" никогаш не загубиле од Фулам на домашен терен во претходните 114 години

објавено: 1 јануари 2019 - 17:52

Денеска се играат три натпревари од 21. коло во англиската Премиер лига. Арсенал им се врати на победите по оној дебакл од Ливерпул во претходното коло. Момците на Емери не паднаа присички туку веднаш се вратија во победнички ритам победувајќи го лондонскиот ривал Фулам со 4:1 на „Емирати". А Фулам по двете ремија и триумфот над Хадерсфилд, повторно ја почувствува горчината на поразот и остана на претпоследното место на табелата.

Резултатот го отвори Гранит Џака кој се најде осамен во шеснаесетникот по додавањето на Ивоби во 25 минута. На почетокот на второто полувреме Александре Лаказет погоди за удвојување на предноста, а само две минути подоцна Французинот имаше уште една добра шанса но неговиот шут го одбрани противничкиот голман.
Камара во 69 минута донесе доза на неизвесност, но потоа Ремзи и Обамејанг ги решија сите дилеми околу победникот. Арсенал ја запиша 12. победа и е на петтото место, а Фулам 13. пораз и е претпоследен.

„Топчиите" никогаш не загубиле од Фулам на домашен терен во сите конкуренции во претходните 114 години (24 победи и пет ремија).

Во првиот ден од 2019 година фудбалерите на Лестер гостуваа на „Гудисон парк" и го победија Евертон со 1:0. По двете одлични победи против Челси и Манчестер Сити и неочекуваниот пораз против Кардиф, Лестер направи уште едно мало изненадување и славеше против „Карамелите". Единствениот погодок го даде Џејми Варди кој игра во одлична форма.

„Игравме организирано и мило ми е што победивме и го заборавивме поразот од Кардиф кој патем не беше реален резултат. Играме во добра форма и покажавме карактер и поголема желба за победа од противникот", изјави тренерот на „Лисиците" Клод Пуел.

Лестер трет пат го победува Евертон во петтиот меч по ред на гости. Лестер се искачи на седмото место, а Евертон е на позиција број 10. Денешната програма ќе биде затворена со мечот меѓу Кардиф и Тотенхем, другите натпревари од 21. коло се играат утре.

 

Најново во Меѓународен Фудбал