УСПЕШЕН СТАРТ ВО ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2021

Уф, тешко, но слатко: Македонските кошаркари слават голема победа против Косово (ФОТО)

Во првиот натпревар од втората фаза од претквалификациите за пласман на Европското првенство 2021 година, македонската сениорска репрезентација вечерва во Приштина триумфираше против Косово со конечен резултат 73:76.

објавено: 13 септември 2018 - 22:30

Од Приштина

Бобан Радуловиќ

 

Во првиот натпревар од втората фаза од претквалификациите за пласман на Европското првенство 2021 година, македонската сениорска репрезентација вечерва во Приштина триумфираше против Косово со конечен резултат 73:76.

Извонредна асистенција на Хендрикс до В. Стојановски за отворање и водство, но веднаш израмнија домаќините преку Шоши.

Следуваше страшна серија на избраниците на селекторот Јорданчо Давитков од 10:0 што го натера Мулаомеровиќ да го побара првиот тајм-аут.

Косовските играчи беа изненадени од цврстата одбрана на нашите кошаркари, а во нападот брзиот Дамјан Стојановски беше лидер во првите пет минути. Откако Трајковски беше прецизен од слободните фрлања, му асистираше на Д. Стојановски кој ја реализираше првата тројка.

Откако на спротивната страна утна и Весели, казнивме повторно со тројка преку Д. Стојановски по додавањето на Соколов. Серијата ја прекина Кастрати, а после неколку наши нереализирани напади и поените на Шоши, Давитков побара минута за дополнителни совети.

Направивме нова одлична серија и повторно со двоцифрена предност на семафорот (19:6), но во последните две минути од првата четвртина дозволивме противникот да погоди 10, а ние да реализираме еден и се замина само со плус четири (20:16).

Во втората четвртина започнавме со тројка на Ѓуроски, но иста мера возвратија ривалите благодарение на Кастрати. Одлично се движевме во одбраната, брзо казнувавме од нападите, најпрвин Младеновски, а потоа и Ѓуроски за солидни 19:27.

Еден од нашите најефикасни играчи, Војдан Стојановски зачудувачки имаше лош процент на реализација, после првото полувреме (1/7 од поле, 0/3 за три поени).

Од друга страна радуваше храброто издание на Младеновски кој освен во нападот, придонесуваше и во одбраната со по некоја блокада. На пауза заминавме со плус пет (29:34).

Имавме криза на почетокот од второто полувреме, веќе три минути немавме погодок, Косово беше рамноправен во егал, израмнија преку Бериша после тројката на Трајковски (37:37). Игравме во период без браќата Стојановски, се мачевме во нашите напади, а два „пенали" не реализираше Хендрикс во клучен момент, тоа го казни Бамфорт за ново израмнување (39:39).

На три и пол минути до крајот на третата четвртина домаќинот за прв пат поведе преку Весели. Верувале или не, Трајковски ги постигна скоро сите поени за нашата селекција во овој квартал.

Ја немаше колективната игра од првото полувреме, се разигра расположениот Бериша кај домаќините кој пред почетокот на последната делница имаше 19 поени за минимално водство на Косово од 49:48.

Ѓуроски со неколку поени врати позитива, го следеа Младеновски и Соколов со првите поени за плус три (54:57). Косоварите сега почнаа да промашуваат, а ние да редиме наши поени, Д. Стојановски повторно активен со своите тројки за убави 57:64 на пет минути до крајот на средбата. Конечно и Војдан Стојановски во вистински момент погоди и плус слободно фрлање за 60:67, а феноменална партија имаше и Трајковски кој на крајот доби аплаузи.

И наместо да задржиме дозволивме при седум секунди до крајот Косово да има шанса да дојде до продолженија, Бериша имаше шанса од три слободни фрлања, за наша среќа тоа не го направи, погоди две при 73:74.

Следуваше прекршок врз В. Стојановски кој од два „пенали" го постави конечниот епилог за голема победа од Приштина.

Наредниот втор меч од овие квалификации Македонија ќе го има в недела на домашен терен против Романија во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 18:15 часот.

Претквалификации за ЕП 2021 (втора рунда)
Група Б
Косово-Македонија 73:76 (16:20, 13:14, 20:14, 24:28)

Македонија: Ѓуроски 14, Караџовски, Соколов 2, В. Стојановски 9, Трајковски 17, Хендрикс 10, Костоски, Крстевски, Магдевски, Младеновски 9, Стајиќ, Д. Стојановски 15.

Најново во Кошарка