КАДЕТИТЕ ГО ДОБИЈА ЧЕТВРТФИНАЛНИОТ ПРОТИВНИК

ПРОТИВНИК ПО МЕРКА: Со Романците за полуфинале

Се чини дека нашите кадети имаат уште поголеми шанси за понатамошен пласман на првенството во Сараево. Особено ако се знае дека следниот противник не е непобедлив, и го покажа тоа во групната фаза...

објавено: 14 август 2018 - 21:05

Кадетска Македонија против кадетска Романија ќе играат во еден од четирите четвртфинални натпревари на ЕП од Дивизијата „Б" кое деновиве се одвива во главниот град на БиХ – Сараево.

Согласно со системот за натпреварување на овој пампионат, Македонија, како второпласирана селекција од групата „Б" за противник ја добива онаа најдобрата од групата „А".
А тоа во овој случај е репрезентацијата на Романија.
Би се рекло, онака „од прва", противник по мерка за македонските кадети. Особено ако се земе в предвид дека и досега, романските кадети не воодушевија со своите настапи во Сараево.
Напротив, дури и загубија еден меч и тоа од „фудбалската нација" каква што е Ирска.

До првото место дојдоа благодарение на четири победи, а најважната е онаа против нивниот конкурент за првата позиција, селекцијата на Велика Британија (92:70). За Британците тоа беше исто така единствениот пораз, а кој за противник им ја носи селекцијата на Русија (досега непобедена, заедно со Полска и домаќинот БиХ).

 ЧЕТВРТФИНАЛНИ ДВОЈКИ

(16.АВГУСТ)
14.15: Полска - Чешка
16.30: Русија – Велика Британија
18.45: БиХ – Исланд
21.00: Романија - МАКЕДОНИЈА

Она што е интересно да се напомене дека согласно со распоредот на натпреварите, нашите и романските кадети ќе ја затворат четвртфиналната фаза, затоа што ќе се сретнат во последниот натпревар, закажан за четврток навечер, од 21. часот во градската сала „Сабит Хаџиќ".
Занимливост е и тоа дека во селекцијата на Романија, како водач на делегацијата во Сараево е нашиот некогашен кошаркар, а сега тренер и службено лице во романската федерација, Игор Георгиев.
Во составот кој го предводи Флорин Нини (прв тренер на Питешти), се одвојуваат три кошаркари.
Михаи-Николае Каршоана е најдобриот стрелец со просек од 14.8 поени, Највисокиот нивни играч Лука-Богдан Домочос е прв скокач со 6.5 скока, а Антон-Григорие Ротару најдобар доадава со просек од 5.3 асистенции по натпревар.

РЕЗУЛТАТИ НА РОМАНИЈА ВО ГРУПНАТА ФАЗА
Романија –Шведска 70:37
В. Британија – Романија 70:92
Португалија – Романија 58:67
Романија - Ирска 54:74
Луксембург – Романија 71:83

Најново во Кошарка