МЕЈЛОТ НА РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦОТ ДО МКФ

МКФ ја „извртува вистината", Нено не пријавил никаква повреда!?

Ненад Димитријевиќ не бил повреден, односно не пријавил дека е повреден, затоа што и навистина не бил повреден, пред селекцијата „Под 20" години да се упати на ЕП од Дивизијата „Б" кое ова лето се одржуваше во Софија.

објавено: 11 октомври 2018 - 13:00

Во продолжение ви го пренесуваме мејлот кој Ненад Димитријевиќ го испратил до МКФ.

„Почитувани.
Ви се обраќам, со цел да ви ги објаснам мотивите и причините кои ме донесоа во ситуација да донесам една тешка одлука да не играм за репрезентацијата до 20 години.
Причината што морав да го откажам настапот за репрезентацијата до 20 години е дека после повредата што ја добив на подготвителниот натпревар во Црна Гора и паузата што ја направив во тој период, не се чувствував дека сум во најдобра физичка и психичка форма да играм и да помогнам на екипата како што би сакал на едно тешко Европско првенство.
Како што знаете, мојата желба да играм и да придонесам за репрезентацијата и за државата се несомнени. Затоа не можам да дозволам да не бидам физички и психички подготвен и мојата екипа да сноси негативни последици поради тоа.
Секоја друга одлука не би била фер, ниту за мојата држава, ни за репрезентацијата, ни за мене. Се надевам дека ќе ги сфатите моите мотиви кои ме донесоа да донесам една ваква тешка одлука.
Благодарам на разбирањето"- вели младиот кошаркар во писмото кое го доставил до канцеларијата на МКФ, односно на мејлот на техничкиот секретар на федерацијата, Соња Спасовска, на 2. август.

Односно постапил онака како што тоа од него побарала надлежната комисија, во овој случај, Дисциплинската Комисија на МКФ.
Факт е дека Димитријевиќ кој е обвинет и казнет од страна на МКФ за сторен дисциплински прекршок неоправдано откажување од репрезентацијата, со образложение кое не може да го образложат самите членови на Комисијата.


Димитријевиќ ниту неоправдано се откажал, напротив, на 21.јуни се приклучил на екипата на подготовките за ЕП во Бугарија, и до 26. јуни одработил шест тренинзи. Понатаму стои во пријавата од селекторот Никола Василев дека селекцијата на Македонија одиграла два натпревари во Црна Гора, каде на вториот, пријавениот добил удар во бутниот мускул, се пожалил на повреда и не го доиграл натпреварот.
По враќањето усно го известил селекторот дека одлучил да не настапува за репрезентацијата дека составот и квалитетот на екипата не ги исполнила неговите очекувања и дека себеси си не се гледа дека може да постигне за остварување на подобар резултат".


Каква документација требало да предаде Димитријевиќ во оваа ситуација?
Веројатно никаква од проста причина што младиот кошаркар убаво објаснил зошто не може да настапи за овој наш национален тим. Дека не станува збор за никаква повреда за која треба да даде свое образложение, како што се и потенција деновиве во нашата јавност која го следи овој случај.
И е доволно јасно дека наводна повреда не е причината поради која Димитријевиќ не играл на евро-шампионатот во Бугарија, туку дека некој друг сака да ги „преврти фактите" и да го прогласи за виновен талентираниот Македонец, и да го стави на „столбот на срамот" уште на почетокот на оваа сезона во која има договорни обврски (и понатаму - кон членот на најсилната европска кошаркарска лига – Хувентуд од Бадалона.
За какво лицемерие станува збор од страна на МКФ доволно говори и тоа дека Димитријевиќ потоа беше повикан и за настап во сениорскиот национален тим, а со знаење на сите инволвирани во овој случај, дека против него е веќе поднесена пријава од страна на актуелниот селекторот на помладата генерација на кошаркари, оние родени 1998 година и помлади.
Уште еден момент, без преседан во нашата кошарка, кој исто така заврши без краен ефект – враќање на Ненад Димитријевиќ во сениорскиот национален тим во кој настапуваше во минатиот претквалификациски циклус.
Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка