СЕ ОТВОРИ ЛИ „ВОЈНА" ЗА СЕЛЕКТОРСКОТО МЕСТО КАЈ МЛАДИНЦИТЕ?

Кој ги бира селекторите, Пеце или Стручниот Совет?

Неофицијално, членовите на Стручниот Совет на МКФ никако не можеле да се согласат околу изборот на селектор за машката селекција „Под 20" години за кој има два кандидати...

објавено: 5 декември 2018 - 13:00

Нови, нималку убави моменти во македонската репрезентативна кошарка.

Сега ги прави изборот на селектори за оние младински категории кои наредното лето имаат свои обврски, односно учество на Европските шампионати во „А" („Под 16" години), односно во „Б" дивизијата („Под 18", односно „Под 20" години).
Иако во сферата на неофицијалното, на седницата на Стручниот Совет се повела жолчна дискусија околу тоа кој треба да биде предводник на овој наш национален тим, односно на играчи родени 1999 година и помлади.
За разлика од изборот во другите две возрасни категории, во оваа „копјата се кршеле" околу Мики Наумовски од една, односно Дарко Радуловиќ од другата страна.
И двајцата поднеле апликации на јавниот конкурс на МКФ токму за оваа возрасна категорија кој во ФИБА се води како „Под 20" години.
И по неколку часовно расправање, членовите на Стручниот совет, не донеле никаква конечна одлука околу тоа дали работата да му биде доверена на Наумовски или пак на Радуловиќ.
Нашите извори велат дека во или околу конечниот избор се замешал и лично првиот човек на федерацијата, Петар Наумоски, кој се залагал за еден од кандидатите кој доаѓа од клуб кој е подржувач на политиката на актуелниот претседател, што донело и одредена доза на револт кај дел од членовите на Советот.
И била една од причините поради кои на седницата немало донесено и конечна одлука.

Напротив...
Како некое „соломонско решение" било понудено и двајцата кандидати за селектор на младинската репрезентација да поднесат комплетен план и програма за работа со оваа наша национална селекција!?
Но прашањето е зошто би се правело тоа, а ќе земе в предвид дека ниту Наумовски, ниту пак Радуловиќ, не се избрани за селектор, за да го реализираат ова барање од страна на стручњаците.

Согласно со тоа и предвреме да ги елаборираат своите планови пред комисијата со која веќе имале еден разговор во вид на интервју.

Оттука се поставува и друго прашање, многу поважно од ова.
Зошто постои Стручниот Совет кога во неговата работа директно е инволвиран првиот човек на федерацијата, кој патем кажано, и да не се секирате, е во Скопје, претходно беше и во Гевгелија?!

Секако, за да нема премногу „неоправдани изостанувања", како што тоа некогаш го правеше како парламентарец, а притоа на крајот на месецот му легнува и не баш таа низок личен доход.
Сеедно, тоа внесува само дополнителни нервози и кај луѓето кои изразиле желба да учествуваат во работата на Советот со сиот полн капацитет. Веројатно меѓу нив има и такви кои се под директна ингеренција на претседателот на федерација, со сите бенефити кои со себе ги носи таа поддржувачка „конекција".
Но тоа и не е чудно во работата на оваа раководна гарнитура, која уште еднаш потврдува дека е затворена за јавноста. Дека медиумите се и дефинитивно прескокнати во било кој аспект (не се смета понудениот превоз од пред некој ден, до Гевгелија и назад), дека носи решенија во кои, пред и над се, мора да се испочитува зборот односно желбата на претседателот со привремен (или траен) престој во Истанбул.
Секоја чест!
А околу тоа како работат и на ова „поле", најдобро говори и податокот дека во текот на вчерашниот ден самите си објавија уште еден јавен оглас – конкурс, за прибирање на понуди за избор на селектор во женските национални селекции „Под 16" и „под 18" години. Таму нема „тепачка" и носење на „пресуда" од страна На наумоски.
Зошто и би имало, кога интересот е скоро никаков!
Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка