НЕМА ФИЛОЗОФИИ ВО КОШАРКАТА

Како тренираш – така играш!

Тоа не е, ниту пак некогаш била тајна во кошарката.

објавено: 29 јуни 2018 - 15:00

Нашите најдобри кошаркари тренираа, се чини, колку да истренираат. Веројатно не се виновни тие, многу повеќе замерки одат на страната на стручниот штаб. Но виновници се сите оние кои се појавија во четвртокот навечер за да го комплетираат првиот дел од претквалификациската трка за пласман на наредниот Евробаскет, оној во далечната 2021 година.

Она што е добро во целата оваа работа, или подобро кажано ситуација е дека Mакедонија оди понтаму, влегува во втопрата фаза од претквалификациите, и дека поразот од Швајцарија е без „трајни последици".
Но опоменува пристапот кој го имаа и репрезентативците, и особено стручниот штаб на нашиот национален тим кон обврските.
Не е тајна, напротив, дека првиот договор беше националните да се собрат на 11. јуни, во Скопје. Но од тоа не испадна ништо, од едноставна причина што датумот беше пребрз, закажан без комплетна комуникација со „инволвираните", во овој случај, играчите.
И потоа се влезе во процес на импровизација. Наместо 11, како следен датум за прва прозивка беше одреден 18. јуни. И наместо планирање на „подолги патеки", сето она што подоцна беше креирано не личи на некој професионален национален тим во кој секој си го знае своето место.
И да, селекторот Давитков доживеа да добива откази и од оние најмладите, па се до најискусните, без скоро никакво образложение. Некои доцнеа, оправдаа, но сето тоа даваше впечаток дека тука работите не се такви какви што треба да бидат.
Епилогот е добро познат.
Како тренираш – така играш!
Македонија не беше максимална во овој најнизок ранг на натпреварување. Среќна околност е дека загубивме од Швајцарија со помала разлика од онаа победа во Скопје, па затоа следниот круг го дочекуваме со нешто полесни противници (веројатно Косово и Романија).
Уште посреќна е што пред нас е едно долго можеби и не баш топло лето, период во кој некои нешта може (и мора) да се поправат...
А кој да знае, можеби ова е нашата сурова реалност, она која вели дека Македонија во овој момент може толку, не повеќе од овој пораз кој за нас претставува „жолт картон". Дека така не може да се однесува, да се игра... Сепак, ова не е клуб, ова е репрезентација, во која работите мора да бидат поставени на многу повисоко ниво – професионално пред се.

Веројатно во овој момент ни требаат повеќе играчи како Војдан, еден вистински капитен, кој едноставно покажа како треба да се игра, да се бранат националните обележја.
И да, не е дека другите не играа, дека не се трудеа. Но тоа ете, испадна дека е малку, недоволно да се одбрани од една селекција во која барем во нашата јавност, непознати се скоро сите оние 12. играчи кои беа во записникот на мечот во Фрибург.
И кај нас имаше едно ново име, иако грев е да се суди според само еден одигран натпревар.
Македонија имала и подобри решенија од она кое се нарекува Шејн Витингтон, но ете и тој нека има еден „жолт картон" за прикажаното.
Целокупниот впечаток е таков, можеби и можевме да победиме во Фрибург, но не го направивме тоа, само како едно големо предупредување дека така понатака нема да може.
Секако доколку сакаме да се вратиме онаму каде што бевме до пред некоја година.
Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка