СЕЛЕКТОРОТ ОДЛУЧУВА ЗА МЕЧОТ ПРОТИВ КОСОВО НА 2. ДЕКЕМВРИ

Хендрикс не може – Витингтон мора!

Ричард Хендрикс го информирал Јорданчо Давитков дека поради семејни причини (неговата сопруга е пред породување) планира заминување во САД во слободниот европски термин од (прет) квалификациите, па извесно станува дека Шејн Витингтон е резервната и активна варијанта.

објавено: 20 ноември 2018 - 14:45

Машката сениорска селекција на Македонија ќе биде без Ричард Хендрикс на наредниот претквалификациски дуел против селекцијата на Косово кој се игра на 2.декември во Гевгелија.

Еден од носителите на играта на „црвено-жолтите" во овој претквалификациски циклус, има семејни обврски. Односно кон крајот на овој месец сака да отпатува во родниот САД каде треба да присуствува на пораѓањето на неговата сопруга.

Тoј го информирaл, односно побарал од селекторот Јорданчо Давитков да биде ослободeн од обврските во овој „прозорец" на ФИБА, но и тоа дека извесно е, ќе биде достапен за оној февруарскиот кога Македонија ја чека гостувањето во Романија.

„Искрен да бидам, нема што да му се замерува било што на Ричард Хендрикс. Се јави, ме информираше односно од мене побара да биде ослободен од обврските за овој меч со селекцијата на Косово. Сепак, тоа е еден семеен чин кој мора да се испочитува во целост. Секако дека ќе ни биде потешко. Но реално, не можеме да сметаме на него за дуелот со Косово кој го играме на 2. декември во Гевгелија" – потврдува селекторот.

Со оглед на тоа, јасно е дека Давитков ќе ја искористи втората, или резервна варијанта – да му упати повик на вториот натурализиран Македонец, Шејн Витингтон кој во меѓувреме играњето во Зенит го замени со настапи за шпанската Андора.

„Концепцијата вели дека мора да одиме на таа опција, со Витингтон во оние 12. Но, почекајте за ден-два ќе го имате и комплетниот список на играчи. Нема да има некои големи изненадувања. Но реков, ќе го користиме Витингтон затоа што ни требаат играчи за тие позиции 'внатре' во рекетот"- појаснува Давитков, пред да излезе со официјалниот список на кандидати кои треба да го победат Косово уште еднаш и да го потврдат првото место во групата.

Сега со дополнителни „милион мотиви" затоа што во меѓувреме УО на МКФ донесе одлука за стимулирање на нашите репрезентативци пред последните два меча од претквалификациите.

„И без таа одлука од оние кои ќе ги повикам за овој циклус ќе барам максимален ангажман. Сакам и можеме да останеме на тоа прво место во групата, и да влеземе во оние главни квалификации за кои ќе размислуваме по 21. февруари, кога ќе го играме оној натпревар со Романија на гостински терен" - додава Давитков.

Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка