ЗАЕДНО СО ТРАЈКОВСКИ ИМАШЕ НАЈВИСОК ВКУПЕН ИНДЕКС 20

Ѓуроски: Важни ни беа бодовите, очекувам да биде уште подобро против Романија!

Избраниците на Јорданчо Давитков беа сигурни на добро познатиот терен во Приштина, со исклучок на мал пад на концентрацијата во третиот период кога кошаркарите од домашниот состав израмнија и накусо го преземаа водството.

објавено: 13 септември 2018 - 23:28

Од Приштина

Бобан Радуловиќ

Неколкупати нашиот селектор ги построи своите избраници покрај аут-линијата, што резултира со нов пресврт во наша корист.

Предноста успеавме да ја задржиме до крајот, до конечни 73-76 односно 16-20, 13-14, 20-14, 24-28 по четвртини.

Ова е прва, важна и голема победа за Македонија на стартот од втората фаза од претквалификациите за Евробаскет 2021.

На патот кон тој успех придонесе нашиот репрезентативец Стојан Ѓуроски кој за нешто над 23. минути поминати на паркетот во Приштина имаше 14 поени, пет скокови, три асистенции (3/3 од поле, 2/5 за три поени, 2/2 од слободните фрлања) за вкупен индекс 20.

„Почнуваме да ја сфаќаме филозофијата на селекторот Давитков и очекувам уште подобри игри во иднина. Ја имам неговата доверба и се надевам дека и понатаму ќе продолжам да ја оправдувам. Да, требаше малку полесно да го завршиме мечот во наша корист, но во финишот имаше неколку наши избрзани одлуки, но морам исто да напоменам две или три судиски одлуки кои беа малку дискутабилни. Ги вратија нашите противници во игра, но важно е што дуелот заврши во наша полза и со два бода се враќаме во Скопје“, изјави македонскиот репрезентативец Стојан Ѓуроски.

Што се однесува до следниот дуел тој додава дека не знаат скоро ништо за репрезентацијата на Романија, затоа што беше многу важно денешното гостување, сите беа фокусирани максимално на Косово.

„Од утре веќе ќе се фокусираме и подготвуваме за нашиот следен противник. Мислам дека предноста е на наша страна, затоа што сега видовме кои се нашите предности и недостастоци, се надевам дека ќе го искористиме овој натпревар да ги анулираме, намалиме нашите грешки и одиграме уште подобро".

Следниот меч ќе го имаме в недела во Скопје против романската селекција во СЦ „Борис Трајковски" со почеток од 18:15 часот.

Најново во Кошарка