КАПИТЕНОТ ИМА ЈАСНА НАСОКА, КАКО ВЕЧЕРВА ПРОТИВ КОСОВО

ВОЈДАН: Да не чекаме да помине едно полувреме, па тогаш да почнеме да играме...

Во втората фаза од претквалификациите прв ривал, вечерва од (20.30 часот) во Приштина, е Косово, селекција од која бевме елиминирани на стартот од квалификациите за СП 2019.

објавено: 13 септември 2018 - 13:00

Пресудно беше очајното прво полувреме во Приштина што го загубивме со 20 поени разлика, нешто што не смее да се повтори на вечерашниот меч закажан на истото место, од (20.30 часот).

„Ќе видиме дали е научена таа лекција, тоа ќе мораме да го покажеме на терен. Добро ќе се подготвиме и нема да чекаме до 21. минута да почнеме да играме кошарка, од самиот почеток ќе влеземе фокусирано. Се надевам пред се дека сите ќе бидеме подготвени, ќе одиграме добар меч и ќе одговориме на тој предизвик на стартот од новиот циклус. Нема потреба од страв, туку само да бидеме сто посто фокусирани на она што е пред нас. Без разлика кој е противникот на другата страна од теренот" – истакнува Војдан Стојановски.

Лани беше едно, оваа година, сите очекуваме дека ќе биде обратно. Дека Македонија ќе слави победа над Косово во првиот меч од втората претквалификациска фаза за пласман на ЕП 2021 година.
Еден од оние кои беше „сведок" на ланскиот пораз во Приштина, е Александар Костоски.
Новиот плеј на Гостивар вели дека лекцијата е научена. Дека е особено важно да се почне добро во салата во Приштина. Секако, за да не се влезе" во она ланско „сценарио" особено во првите 20.минути од играта.

„Првите натпревари секогаш се најважни, но би додал, и најтешки. Пред една година, со Косово игравме двомеч во кој имавме по една победа и еден пораз. Но оној меч во Приштина сѐ уште ни 'боде во очи'. Сега сме комплетни, и сега сакаме да тргнеме со победа.
За разлика од претходниот, треба да го почнеме натпреварот многу подобро. Задоцнето реагиравме на таа средба. Ривалот направи предност од 15 поени и тешко беше да се стигне. Сега имаме поквалитетен тим, но тоа мора да го покажеме на теренот. Ние сме една нова репрезентација, мора да даваме 100% од себе на секој натпревар за да победиме. Мислам дека со Косово ќе одлучи поголемата желба за победа, која се надевам дека ќе биде на наша страна"- смета нашиот организaтор на играта.

 ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП (ВТОРА ФАЗА)

ДЕНЕСКА:
ГРУПА А
18.00: Белорусија – Данска
Шведска - слободна
ГРУПА Б
20.30: Косово – Македонија
Романија - слободна
ГРУПА Ц
20.30: Белгија – Португалија
Исланд - слободен
ГРУПА Д
18.00: Австрија – Кипар
В. Британија - слободна

 

Најново во Кошарка