ОД УТРЕ СИТЕ ВО ГЕВГЕЛИЈА ПО КАРТИ...

Билети за Купот ќе се купуваат со лична карта и тоа само во салата „26 април“

Гевгелија е подготвена, одбројува до стартот на Купот во Македонија. Организаторите и МКФ денеска изнесоа детали за самото натпреварување, но и за фановите на сите учесници.  

објавено: 11 февруари 2019 - 13:44

„Подготвени сме“, едногласно кажаа организаторите и спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски на денешната прес-конференција која се одржа во Негорски Бањи. 

Пред да настапат на сцена учесниците на Купот на Македонија, беа изнесени интересни детали околу самото натпреварување. Секако во очи падна начинот на продавање на билетите. Истите ќе можат да се набават во салата „26 април“ и тоа со лична карта.

Картите од утре ќе бидат пуштени во продажба по цена од 200 денари за сите четири четвртфиналиња, додека за полуфиналните дуели и финалето ќе чинат 100 денари, оние кои ќе сакаат да го гледаат овој кошаркарски спектакл мора да носат со себе лична карта. Влезот за женските пресметки ќе биде слободен.

Ова во превод значи дека фановите на екипите учесници или неутрални навивачи кои не живеат во градот домаќин, утре ќе мораат да поитаат кон Гевгелија или пак да се снајдат на друг начин. Лесна околност, најверојатно е тоа што клубовите ќе резервираат билети за своите поддржувачи.

„Од мое, и од име на граѓаните на Гевгелија, благодарам што сме почестени завршницата на Купот да се игра во Гевгелија. Ќе бидеме одличен домаќин, Гевгелија е кошаркарски град, имаме два клуба во прва лига. Амбиците ни се добро познати, се надевам на фер плеј, и спортски мечеви. Сите се добредојдени, верувам дека ќе биде полна сала. Мислам дека Гевгелија со оваа организација, добива и на спортски план, и освен како дестинација за казина ќе нè препознаваат и како кошаркарски град. Посакувам локално финале Кожув – Бллоктехна. Знам дека гевгеличани ќе дишат во духот на кошарката. Нека победи најдобриот", порача градоначалникот Сашко Поцков.

 

Најново во Кошарка