МАКЕДОНСКИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ ГО ПАРАФИРАШЕ ДОГОВОРОТ

Витингтон и официјално потпиша за Андора

Она што се најавуваше вчера, сега доби и потврда - Витингтон две сезони ќе игра за Морабанк Андора

објавено: 26 јули 2018 - 13:08

Македонскиот репрезентативец, Шејн Витингтон, е нов член на шпанскиот прволигаш Морабанк Андора. Натурализираниот Македонец во редовите на „триколорите" од малата пиринејска земја треба да остане две сезони.
Витингтон кој игра на позицијата крилен центар, веќе има настапувано во шпанската лига, па ова му е враќање таму, по пауза од една сезона. Пред две сезони, Шејн играше за Обрадоиро, минатата сезона беше член на руски Зенит, а сега ќе го носи дресот на Морабанк, клуб чиј играч во 2015/2016 беше Војдан Стојановски, неговиот сегашен репрезентативен колега.

Во ВТБ лигата како играч на Зенит, 26-годишниот Витингтон имаше просек од 7,9 поени и 3,3 скока по натпревар. Пред тоа, кога играше во Шпанија, просекот му беше 11,7 поени и 5,5 скока.

Тимот од Андора планираше на позицијата крилен центар да го доведе Пабло Агилар од Гран Канарија, но откако се искомпликуваа преговорите со него, и таа варијанта им беше многу скапа, од Андора решија да му понудат договор на Витингтон, кој одигра еден официјален меч (неодамнешното гостување кај Швајцарија) за македонската репрезентација и не се прослави.

Генералниот менаџер на клубот од Андора, Франсеск Солана, рече дека во Шејн добиле искусен и амбициозен играч, додавајќи дека доаѓа од силно натпреварување како Еврокупот, но и тоа дека со македонскиот пасош, нема да фаќа место на странец. 

Најново во Кошарка