ЕВРОЛИГА - 17. коло

Химки најде „лек“ за Фенер, Олимпијакос се спаси во Пиреја

Европспкиот вицепрвак не успеа да „преживее“ на гостувањето во Москва. Олимпијакос се спаси од пораз и во продолженија подобар од Басконија.

објавено: 8 јануари 2019 - 22:03

Кошаркарите на Химки направија големо изненадување во 17. коло од Евролигата, откако на свој терен по продолженија успеаја да го совладаат лидерот Фенербахче со 84:78. Ова беше само вториот пораз на европскиот вицешампион оваа сезона во елитното натпреварување.

Со оглед на тоа како стартуваше мечот, со голема предност за гостите од Истанбул, малку кој можеше да очекува ваков развој на настаните во регионот на Москва. Сепак, со одличната партија во втората четвртина домашните успеаја да најават дека работите овде нема да одат лесно за момците на Жељко Обрадовиќ. Кон средината на третата четвртина Фенер повторно се одлепи на плус 7, но тоа не беше гаранција за триумф. Борбените домашни кошаркари успеаја во последниот период да ја преземат играта и резултатот, а Фенер успеа преку слободни фрлања да се избори за продолженија, откако во регуларниот дел мечот заврши нерешено (72:72). 

Во продолженијата, многу подобро се снајдоа кошаркарите на Химки кои благодарение на расположените Марковиќ (13) и Гил (12) стигнаа до голема победа.

Очекувано висока победа обезбедија и кошаркарите на Анадолу Ефес кои славеа на гостувањето кај Жалгирис со 79:58. Турците влегоа во мечот како големи фаворити и на крајот го оправдаа епитетот. Моерман со 23 поени ги предводеше кошаркарите на Анадолу до 11-тата победа сезонава.

Драма имаше и на мечот во Пиреја, каде Олимпијакос со тројката на Папаноколау во последните секунди се избори за продолженија на дуелот со Басконија, која беше пред победа. Потоа следуваа одлични 5 минути во дополнителното време за домашните, кои успеаја да дојдат до 11-та победа сезонава победувајќи го шпанскиот тим со 91:87.

 

 

 

Најново во Кошарка