ПО ИЗНЕНАДУВАЧКИОТ РЕЗУЛТАТ ВО ШПАНИЈА

Евролигата „излезе" на Атлантикот, на 5.000 километри од Москва

За да стигне на гостувањето во Лас палмас следната сезона, московска ЦСКа ќе мора да прелета „половина свет", односно повеќе од 5.000 километри за да одигра меч против Гран Канарија...

објавено: 3 јуни 2018 - 16:30

Во следната сезона, Евролигата ќе се игра и на 1.300 километри југозападно од Гибралтар.

Последниот тим кој извади виза за најсилното континентално натпреварување е Гран Канарија од Лас Палмас, кој го елиминираше од шпанскиот плеј-оф, бранителот на титулата – Валенсија.
Со тоа оствари и историски пласман во полуфиналето на Ендеса лигата, но и во европскиот кошаркарски крем.

Екипата од Канарските Острови влезе меѓу четирите најдобри тимови во Шпанија, и со оглед на тоа дека е во друштво на сопствениците на „А" лиценца (Реал, Басконија, и Барселона), има гарантирано место во Евролигата за сезоната 2018/2019.
Во изминатиот период, екипата која игра во Лас Палмас е редовен учесник на завршницата на второто по квалитет евро-натпреварување. Од 2014 година два пати играа во четвртфиналето, една во полуфиналето, а уште еднаш беа и вицепрваци (2015).
А колку ова егзотично патување ќе биде предизвик за досегашните евролигаши, говори и географијата.
Пред се, да се земе примерот на ЦСКА, чија делегација од Москва до Лас Палмас ќе треба да патува повеќе од 5.175 километри, односно да прелетаат „половина свет" за да одиграат едeн меч од Евролигата.

 

Најново во Кошарка