ПРВИОТ ЧОВЕК НА БАДЕЛ 1986, ЉУПЧО ПАВЛОВСКИ РЕАГИРА:

Нормално ли е девојчињa на возраст од 8 до 12 години да играат во Првата лига?!

Редно е за овој евидентиран проблем да се позанимаваат и раководните луѓе на МКФ. А не само да се фалат дека собрале 11. екипи во женската Прва лига...

објавено: 18 октомври 2018 - 16:00

Без оглед на тоа што се вели во членот 13.1 од Пропозициите, во кој се вели дека Регистрациската комисија, која е обврзана да бара „посебна здравствена дозвола при оценувањето на способноста на кошаркар(к)ите кои на денот на настапот имаат помалку од 16 или повеќе од 45 години".

Проблем кој евидентно никој не сака да го реши, а на кој упатуваше, и тоа многу порано, првиот човек на македонскиот кошаркарски шампион Бадел 19862, Љупчо Павловски.

Павловски вели дека е нон-сенс да се регистрираат девојчиња на возраст од 8 до 12 години, а уште помалку да играат во Првата лига.

„Веќе неколку години наназад апелирам до членовите на РК да ги следат пропишаните акти и да ги бараат посебните документи при регистрирањето на млади кошаркарки, кои ги има сѐ повеќе. И редовно сум игнориран во моите барања, а работите поминуваат без правење проблеми, како да е нормално деца од 8-12 години да играат во сениорска конкуренција. Ова е срамно што се случува. Зарем треба да реагираме дури откако ќе се случи некоја трагедија на паркетите?"- прашува Павловски.

Не треба да се биде премногу паметен за да се донесе заклучок, дека девојчињата се далеку од нивото кое со себе го носи играњето во овој ранг на натпреварување.

„Тие дечиња не се ниту физички, ниту психолошки подготвени да играат на тоа ниво. Ако се погледнат листите на клубовите, повеќе од половина регистрирани играчи се под границата за која е потребна посебна здравствена дозвола, што, според моите сознанија, никој ја нема доставено"- додава претседателот на Бадел 1862, кој со децении е дел од македонската женска кошарка.

Извесно е дека на сето ова, особено прогресијата на пријавените екипи во женската прва лига, влијание има најавата за оние т.н. „спортски ваучери". И дека добар дел од клубовите сакаат да го искористат момент. Па макар и со вакви пријавни листи да се водат како прволигаши, и да го привлечат потенцијалниот спонзор во нивните редови.

Секако тоа би било скоро невозможно ако екипата се води како младинска, или пак пионерска, во овој случај на „прволигашот" од Делчево, КК Клубски Патриот, каде е забележан овој момент, иако неофицијално, има и други такви...

„Сѐ додека државата спонзорира прволигашки спорт ќе имаме вакви ситуации. Сега, со новиот закон за ваучери, ваквиот проблем дури и ќе се зголеми. Јасно е и поради што, сега сите ќе сакаат да дојдат до поголем дел од колачот. Но прашањето е по која цена ќе го направат тоа. Ова не води никаде"- дополнува Павловски.

Најново во Кошарка