СРБИНОТ ПОВТОРНО ВО СТАРОТО ЈАТО

Луковиќ сениор на местото на Димитријевиќ на клупата на Куманово!

Промената доаѓа по синоќешниот убедлив пораз на гостувањето против Кожув, по кој, сепак, беа задржани шансите за обезбедување место во четврт-финалето од БИБЛ-лигата.

објавено: 20 март 2014 - 10:37

Србинот Љубислав Луковиќ е новиот стратег на кошаркарскиот прволигаш Куманово, откако управата на овој клуб доцна синоќа реши да го разреши досегашниот предводник, Горан Димитријевиќ, и да го врати на клупата неговиот претходник, објави кумановско „Радио Браво“.

Промената доаѓа по синоќешниот убедлив пораз на гостувањето против Кожув, по кој, сепак, беа задржани шансите за обезбедување место во четврт-финалето од Еврохолд Балканската лига (БИБЛ). Кумановци ги одиграа сите средби од регуларниот дел од сезоната на регионалното натпреварување, и сега чекаат помош од поранешниот тренер, Александар Тодоров, кој со својот Балкан, следниот вторник, ќе треба на домашен терен да го совлада косовски Пеќ.

Луковиќ на новата-стара позиција ќе се најде на стартот од Суперлигата, во која екипата на Куманово ќе влезе од третото место на табелата. Но, во вториот дел од сезоната сите влегуваат од нула, што значи дека хитот на минатата сезона и сега ќе има шанси да им ги замрси сметките на фаворитите, особено на домашен терен, пред редовно преполните трибините во кумановскиот храм на кошарката.

Новиот тренер на кумановци повторно ќе соработува со својот син Урош Луковиќ, кој на почетокот на годинава се врати од Естонија, каде што настапуваше во првиот дел од сезоната.

Најново во Кошарка