ОД „ГРАДСКИ ПАРК“ БАРААТ СИГУРНОСНИ ГАРАНЦИИ ОД МЗТ

АКО НЕМА ГАРАНТИРАНА БЕЗБЕДНОСТ ВО АЕРОДРОМ: Работнички нема да го почне натпреварот

„Ако се случат инциденти за време на натпреварот (плукање, фрлање на разни предмети кон нашите играчи), а судиите не преземат никакви мерки за да ги заштитат нашите играчи и стручниот штаб (како што беше случај на последното гостување во салата во Аеродром, сала на европскиот ракометен првак Вардар) ние ќе го напуштиме паркетот и мечот нема да го доиграме“.

објавено: 22 мај 2018 - 13:25

Ако се случат инциденти за време на натпреварот, плукање, фрлање на разни предмети кон нивните играчи, а судиите не преземат никакви мерки за да ги заштитат играчите и стручниот штаб. раководството на КК Работнички најавува дека ќе го напушти паркетот и не да го доиграат вториот меч од финалната серија на плеј-офот, закажан за среда навечер од 20.часот во СЦ „Јане Сандански“.

Во соопштението до јавноста „црвено-белите“ од „Градски Парк“ бараат сигурносни гаранции од страна на домаќинот на овој натпревар - МЗТ Скопје Аеродром.

„Сакаме да ја известиме македонската кошаркарска и спортска јавност дека поради загриженост за безбедноста на нашите кошаркари и членови на Стручниот штаб по искуството на претходното гостување во салата „Јане Сандански" (каде како кираџии КК МЗТ Скопје Аеродром ќе игра во следните 20 години и ќе го бодрат својот тим на црвени столчиња), кога играчите во црвени дресови беа плукани, гаѓани со тврди предмети и каде што имаше палено пиротехнички средства (нешто што е строго забрането и треба да се санкционира не само парично, туку и со прекин на натпревар, затоа што на тој начин се уништуваат основните услови за игра) дека нема да го започнеме утрешниот натпревар во оваа сала, се додека не се увериме дека организаторот ги обезбедил сите безбедносни мерки.

Ако се случат инциденти за време на натпреварот (плукање, фрлање на разни предмети кон нашите играчи), а судиите не преземат никакви мерки за да ги заштитат нашите играчи и стручниот штаб (како што беше случај на последното гостување во салата во Аеродром, сала на европскиот ракометен првак Вардар) ние ќе го напуштиме паркетот и мечот нема да го доиграме.

Доказ дека имало (нешто во што не' убедувавте дека бил вистински празник на кошарката) фрлање предмети на претходното дерби во „Јане Сандански“ се казните што клубот од населбата Аеродром ги доби како санкција за „беспрекорно организираниот" натпревар. Само што, салата во Градски Парк челниците на МКФ и судиите ја испразнија, а за истото МЗТ Скопје доби честитки и пофалби и смешна парична сума како казна.
Господа од „Јане Сандански" нели забележувате дека постојано се обидувате да правите притисок во јавноста само кога треба да играте против најтрофејниот клуб во државава? Постојано, преку соопштенија се обидувате да влијаете врз судиите, МКФ и постојано провоцирате за да ја суспендирате нашата сала? Престанете да се фалите со туѓи перја, да се фалите со туѓа сала. Сала во која, впрочем, најголемиот дел од сезоната и натпреварите вашиот клуб ги игра во помошната, Мала сала. Сала која ја бојкотиравте долго време поради црвените столчиња во неа. Тоа е доказ дека салата е на црвено-црните шампиони на РК Вардар. И следниот пат, кога ќе се фалите за тоа какви светски услови има во салата „Јане Сандански", сетете се дека таму во следните 20 години ќе бидете само кираџии.
И да ви одговориме, конечно, за тоа дека сме биле "гробари на македонската кошарка". Во своето повеќе од седумдецениско постоење, КК Работнички може да се пофали со плејада кошаркари кои потекнуваат од оваа школа. Дел од нив се легенди, дел се наоѓаат на врвот на европската, па и светска кошарка, дел играат и го носат црвено-белиот дрес, дел дури играле и играат и во вашиот тим. Како може КК Работнички да биде "гробар на македонската кошарка" кога клубот дал најголем процент репрезентативци на Македонија. Во многуте македонски кошаркарски репрезентативни имиња, не се сеќаваме дека некој произлегол од школата на вашиот клуб или ако го имало, не останал врежан во нашата меморија. А епитетот "гробари на македонската кошарка" совршено Вам ви прилега. Знаете зошто или треба да ве потсетиме? Изгледа имате кратка меморија, па ќе ви помогнеме. Кој беше првиот клуб во земјава кој се бореше во македонското првенство да има 6 странци? Кој менуваше статути? Кој, со силни притисоци, менуваше дури и претседател на МКФ само за да "помине" ова правило? Кој беше клубот кој дозволи на финален натпревар да му судат странски судии?
Да ве потсетиме и на изјавата на вашиот поранешен тренер Жељко Лукајиќ: „Стигнав до податок дека во последните шест сезони МЗТ сменил 26 тренери, а тој дрес го носеле дури 54 странци". И кој е сега "гробарот"?

И по шест години, "пу пу" не важи. Побаравте да се смени ова правило и ќе глумите сега дека сакате да ја спасите македонската кошарка.

За каква чест вие зборувате?

Спортски поздрав,
КК Работнички АД Скопје

Најново во Кошарка