ПРВ НАТПРЕВАР НА БЛОКОТЕХНА ОВАА СЕЗОНА ВО БИБЛ ЛИГАТА

Мијатовиќ како вистински „академик"!

Српското крило го наполни кошот на гостите од Пловдив. Одличното издание го заокружи со реализација на 37.поени, па Блокотехна направи успешен старт во БИБЛ, го совлада Академик Бултекс со (89:74).

објавено: 4 декември 2018 - 20:27

Успешен почеток имаа кошаркарите на Блокотехна во своето второ излегување на Балканот, односно учеството во БИБЛ лигата.
Пред својата публика во Негорци, беа подобро од ослабениот состав на Академик Бултекс.
БЛОКОТЕХНА – АКАДЕМИК БУЛТЕКС 89:74 (28-19; 22-24; 17-18; 22-13)
Одлична прва четвртина одиграа кошаркарите на Блокотехна во овој дуел со бугарскиот претставник. Данило Мијатовиќ беше расположен за поентирање, се виде, практично од првата минута дека сака да постигне поен повеќе.
Така и беше на теренот...
Високото крило креираше убави (28:19) по истекот на првата четвртина за тимот од Негорски бањи.
Но Академик Бултекс најде одговор, заиграа гостите многу поефикасно во нападот во вториот период од играта во кој преку Бачев (15) и Олисемека (11.поени) „симнаа" дел од негативата. Но Мијатовиќ беше едноставно незапирлив, и со помош на Гаидус, до полувремето ја вратија онаа позитива на домашната страна. Блокотехна имаше плус 7 )50:43), во своето прво појавување на Балканот, макар и задоцнето, во оваа сезона.
За 18 минути, Мијатовиќ реализираше повеќе од половина поени на домашната екипа – 23, Гаидус пак дополни со десет.
По одморот, се делуваше некако доста изедначено. Се играше практично „поен за поен", но разликата во корист на Блокотехна, остана иста. Во 26.минута, по тројката на Младеновиќ, беше (62:55) за домашната екипа. Плејот беше третиот играч на Блоко кој стигна до двоен број на поени – 12, што беше добра вест за тренерот Марјан Илиевски.
Таа разлика стоеше на семафорот и по 35.минути играње (75:69), кога Главчев влезе во друштвото на „двоцифрените" кај нашиот претставник во БИБЛ. А во нецела минута, Мијатовиќ додаде уште четири поени, за уште повисоки (79:70), пред Главчев да постави највисоки и недостижни, (81:70).
Следниот меч Блокотехна го игра следниот вторник, на 11. декември, на гости во Тирана, кај Теута.

Деби на Брендон Пен за Блоко
На овој натпревар Брендон Пен ги одигра првите минути за екипата на Блокотехна.
Американецот беше далеку од добар. Неговиот ефект може да се опише како скромен. Силното крило одигра 6:27 минути во првото полувреме, без да упати ниту еден шут кон противничкиот кош. Имаше две загубени топки и само еден скок за тоа време во игра. До крајот Пен собра 18:09 минути во кои реализираше два поени (1/4 од игра), имаше и три скока и исто толку загубени топки.

 

 

Најново во Кошарка