ДУЕЛОТ НА НЕПОБЕДЕНИТЕ ВО КОПЕР ЗА УПОРНАТА ПРИМОРСКА

СЕ ИГРА 40.МИНУТИ: Како да се загуби добиен меч, прашајте ги момците од МЗТ!

Не им беа доволни ниту осум поени предност (77:69) кои ги имаа на неполни две минути пред крајот. Дозволија натпреварот во Копер да отиде во продолжение од пет минути, и на крајот беа максимално казнети за тоа. По пет минути во продолжението, Сикст Приморска – МЗТ Скопје (91:84).

објавено: 11 октомври 2018 - 20:06

Наместо три победи во исто толку мечеви на отворањето на сезоната во АБА -2 лигата има тимот од Аеродром остана на две. Во Копер имаа огромна шанса за уште поголем „брејк", да победат уште еден од големите фаворити за место во првата јадранска дивизија.

Но не им беа доволни ниту осум поени предност (77:69) кои ги имаа на неполни две минути пред крајот. Дозволија натпреварот во Копер да отиде во продолжение од пет минути, и на крајот беа максимално казнети за тоа.
Сикст Приморска – МЗТ Скопје 91:84 (18-22: 18-19; 25-14; 16-22; 14-7)
„Само" (41:36), имаше МЗТ Скопје на истекот на првото полувреме.
Велиме само затоа што во текот на тие 20.минути, нашиот вицепрвак имаше постојана предност, Навистина не беше двоцифрена, но во неколку наврати беше изразена со девет поени позитива.
Почетната серија од (14-4) им ја донесе сигурноста во играта и водството од (18:10). Доминираше тројката Бојиќ,-Вудард-Иванов.

Сепак, многу работи се променија по големиот одмор...
Ја снема онаа сигурност во играта на „сино-белите" во чии редови се врати репрезентативец Марко Симоновски. Практично му дадоа шанса на домаќинот да се врати „назад во мечот", а момците во портокалово го прифатија тоа, со двете раце.
На средината на третата четвртина, Сикст Приморска стигна до изедначување (48:48). Тука не застанаа домашните кошаркари, напротив, преминаа и во водство, и тоа од пет поени (58:53), откако Јагодиќ-Куриџа го реализира и дополнителното слободно фрлање во 28.минута.

Освен него, во ритам влегоа Херис и Чакарун, па МЗТ Скопје прими 25.поени во тој дел од играта.
Медфорд беше играчот од страната на МЗТ Скопје кој најчесто поентираше. Но остана без вистинска „логистика" во тој сегмент од дербито на ова 3. коло од АБА-2 лигата по која сега има само две екипи со максимален ефект, секако, покрај Сплит.
Така беше до истекот на периодот по кој Приморска поведе со највисоки плус 6, (61:55). Се чини најмногу по одличната скок-игра. Доминираа во тој сегмент словенечките кошаркари. Имаа дури 14. скока повеќе (33 спрема 19) по три четвртини, и премногу за еден израмнет натпревар.
Тоа беше болката на „металците" од која не успеаја да се опорават. Премногу „втори обиди" имаа домаќините. Затоа и го држеа водството но само до моментот кога Младеновски и Вудард направија мини серија за нов егал (63:63), како што стоеше на семафорот во салата „Боњифика" во Копер, на нецели седум минути пред крајот.
Серијата на МЗТ Скопје траеше до (13-2), за враќање на водството (68:63). На рака на нашите кошаркари им одеше и катастрофално лошиот шут на Сикст Приморска, пред се за три поени (1/20) во 35.минути од играта.
Вудард и Медфорд ја „влечеа" играта во нападот на МЗТ, кој имаше и позитива од седум поени (72:65).
На 90.секунди пред крајот, нашиот претставник имаше сосема солидни, (75:69). Во следниот напад, по поентирањето на Иванов и (77:69), наизглед недостижни за еден од топ фаворитите за место во првата АБА лига.
Но Хоџиќ, со две тројки во два напади, ја врати надежта за победа на Приморска (75:77). А останаа дури 41.секунда...
Младеновски загуби уште една топка. Казната стигна веднаш, Хоџиќ погоди уште еднаш (осум во серија), за четири седумки (77:77), и последна минута за одмор и совети на Кочов, како да се поентира и да се победи и потврди добрата игра.
Медфорд проба два пати за три поени. Еднаш во регуларното време, утна. Вториот пат погоди, но откако се запалија црвените светла на семафорот за крај на 40.минути од регуларниот дел.
Мораше да се играат дополнителни пет...

Хоџиќ, па Чакарун ја вратија Приморска на победничката патека (81:77), а црната серија ја прекина Младеновски (81:79). Да биде полошо, капитенот Стојановски ја доби и 5. лична грешка.

Хоџиќ продолжи да погодува, донесе и плус 7 (87:80), сега недостижно за МЗТ Скопје, чии кошаркари и стручен тим долго ќе жалат што пропуштија во Копер.

 

Најново во Кошарка