„МЕТАЛЦИТЕ" НЕМААТ МНОГУ ВРЕМЕ ЗА АНАЛИЗИ

Кочов: Емотивно сме празни, ама искуството е на наша страна

Поразот, колку и да бил тежок, регистриран во дуелот со најголемиот конкурент за титулата, Работнички, едноставно мора да биде заборавен.

објавено: 14 ноември 2018 - 16:00

МЗТ Скопје мора многу брзо да се престрои од домашните кон оние јадрански обврски. Поразот, колку и да бил тежок, регистриран во дуелот со најголемиот конкурент за титулата, Работнички, едноставно мора да биде заборавен.

„Распоредот на часови" (натпревари), не им дава простор за анализи на тренерот Ѓорѓи Кочов и неговите избраници.
Пред се затоа што утревечер, од 19.часот, „металците" ги чека нов натпревар. Оној против белградски Динамик, како дел од 8.коло од АБА 2 лигата.

„Натпреварот против Динамик ни доаѓа во малку незгоден момент, само два дена по исцрпувачкото дерби против најлутиот ривал во домашното првенство во кое емотивно се испразнивме. Против себе ќе имаме млада и полетна екипа, која негува брза и атрактивна кошарка. Тимот е составен претежно од играчи кои се високи помеѓу 195 и 205 сантиметри, што ги прави уште потешки за скаутирање и играње. Искуството е на наша страна и ќе се обидеме тоа максимално да го искористиме и да славиме во дуелот на домашен терен" - вели тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов пред она што следува на вториот колосек за него и неговиот тим во оваа сезона.

Најново во Кошарка