„РОМАНТИЧАРИТЕ“ ГО ЗНААТ ВИСТИНСКИОТ РЕЦЕПТ

Силата на Работнички е во младите таленти

Работнички е клуб кој е познат како расадник на млади и талентирани фудбалери

објавено: 14 јуни 2018 - 14:15

Работнички е клуб кој е познат како расадник на млади и талентирани фудбалери кои добиваат шанса да се наметнат, да се промовираат и да се изборат за свое место под сонцето во македонскиот фудбал. Бројни се примерите од минатото кои стигнаа до дресот со националниот грб и остварија трансфери во странство, а благодарејќи на одличниот капацитет на младинската академија, Работнички секоја сезона добива нова талентирана генерација млади фудбалери.

Така е и во пресрет на оваа сезона. Согласно стратегијата на клубот, кон сениорскиот погон се приклучени голем број млади фудбалери кои потпишаа професионален договор со Работнички. На списокот на шефот на стручниот штаб Ѓоре Јовановски се најдоа имињата на Стефан Колевски, Евгениј Костадинов, Методиј Максимов, Димитар Тодоровски, Марин Петровски, Марио Костевски, Љавдрим Фазлиу, Леонид Радев Јанкуловски, Борис Јакимовски, Берат Ферати, Марко Андоновски, Ринор Ајдини, Кристијан Додоевски, Стефан Симоновски. Тие потпишаа први професионални договори на четири години со ФК Работнички. Од позајмица во Македонија ЃП се врати и Александер Борха Кордоба.

„Работнички и понатаму ја негува и ја надградува својата добро позната стратегија за промовирање на млади и талентирани фудбалери од сопствената фудбалска Академија. Горди сме дека и оваа сезона младите сили се приклучуваат во сениорскиот погон. Тие потпишаа четиригодишни договори и секако се светлата иднина на клубот", вели спортскиот директор на Работнички, Иван Поповски.

Најново во Фудбал