СЕЛЕКТОРОТ ЌЕ ГО ОБЈАВИ СПИСОКОТ ЗА ЛИГАТА НА НАЦИИ

И Крсте Велкоски доби(ва) репрезентативен повик

Со оглед на тоа дека Бесарт Ибраими е повреден, селекторот Игор Ангеловски му упати повик на капитенот на Сараево кој во последно време игра во извонредна форма.

објавено: 8 ноември 2018 - 09:26

Во пресрет на последните два меча, со Лихтенштајн (16 ноември) и Гибралтар (19 ноември), во Лигата на Нации, селекторот Игор Ангеловски денеска, во 12 часот во ФФМ, ќе го објави списокот на 20 играчи на кои ќе смета.
Факт е дека Ангеловски си има проблеми, повредени се Дарко Велковски и Стефан Ристовски, дел од момците не се во натпреварувачка форма, дел пак се под „суспензија". Но што е тука е, овие два меча по секоја цена мора да се добијат.
Мало изненадување е повикот до Крсте Велкоски, капитенот на Сараево кој во последно време игра во голема форма во „бордо" тимот.

САМО КРСТЕ И ИЛИЕВ „НОВАЦИ"...

Треба да се каже дека пред неколку денови Ангеловски упатил повик до Бесарт Ибраими, но поради тоа што „бомбардерот" на Шкендија е повреден, селекторот сега ќе смета на Велкоски. Сосема оправдано, тој заслужи да се „врати" во А селекцијата. Новитет ќе биде и повикот до Дени Илиев, кој исто така се враќа по извесно време во репрезентацијата. Она што го најави Ангеловски, дека ќе ги ротира Шишковски, Илиев и Алексовски, сега и го остварува. Со мала напомена дека со оглед на тоа дека Давид Митов Нилсон е повреден, Мрме за дуелите со Лихтенштајн и Гибралтар на голманската позиција ќе смета на Столе Димитриевски, Дамјан Шишковски и Дени Илиев.

ЕЛМАС И АЛИОСКИ ЌЕ МОЖАТ СО ГИБРАЛТАР

Во репрезентацијата се враќа Иван Тричковски, да потсетиме дека тој во октомврискиот циклус не беше со националните поради повреда. Инаку на списокот ќе се најдат и „суспендираните" Елиф Елмас и Езџјан Алиоски, и двајцата немаат право да играат со Лихтенштајн, но затоа на дуелот со Гибралтар ќе бидат во комбинација.
Се друго во најголема мера, тука мислиме на списокот, е познато.

Најново во Фудбал