НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ ДОБИВА КВАЛИТЕТНО ЗАСИЛУВАЊЕ

ФФМ: Правиме сѐ за Матиќ да заигра за репрезентацијата уште на дуелот против Белорусија!

објавено: 29 декември 2014 - 12:54

Играчот од средниот ред на НАЦ Бреда, Урош Матиќ, кој е помлад брат на ѕвездата на Челси, Немања, најверојатно своето деби за македонската фудбалска репрезентација ќе го има веќе на првиот квалификациски дуел во 2015-та, на 27 март против Белорусија на „Филип Втори“.

Офанзивниот играч од средниот ред, кој има корени во нашата земја, се очекува многу скоро да добие македонски пасош, а потоа останува само на ФИФА да ја заврши процедурата за промена на неговиот таканаречен „спортски пасош“.

Многу брзо ќе биде завршено сѐ од наша страна за Урош да добие македонски пасош, но не зависи сѐ од нас. Во контакт сме со ФИФА и само чекаме од таму да ја направат промената на неговиот спортски пасош, како спортист од национелен интерес, за тој да може да дебитира во националниот дрес. Се надеваме и очекуваме дека сето тоа ќе биде завршено пред мечот против Белорусија и тој ќе може уште во март за заигра за македонската репрезентација“, вели портпаролот на ФФМ, Злтако Андоновски.

Матиќ (24) веќе има седум настапи за селекцијата на Србија до 19 години, но тоа не е пречка тој да биде дел од нашата сениорска репрезентација, бидејќи неговата мајка е Македонка. Тој минатата недела веќе беше во посета на ФФМ, со што ја најави својата желба во иднина да игра за Македонија.

Урош е добредојден во македонската репрезентација. Во тек е процедурата за издавање документи и промена на спортски пасош, а по комлетирањето нема да има пречка да дебитира за нашиот национален тим. Фудбалскиот впечаток за него го знаеме, игра стандардно во тимот на Бреда, стручниот штаб во нашата репрезентација смета дека може да биде многу корисен и во нашата игра, мислам дека сме на добар пат да ја засилиме конкуренцијата во репрезентативниот состав со квалитетен играч. Денеска видовме дека е многу скромно и момче со правилни вредности, тоа е причина повеќе да веруваме во желбата заеднички да си помогнеме“, изјави по средбата престедателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.

Најново во Фудбал