МАКЕДОНСКИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ ЕКСКЛУЗИВНО ЗА „СПОРТМЕДИА“

Чурлинов: Мислам дека имаме солидни шанси, сè ќе зависи од мечот со Чешка!

Дарко Чурлинов е еден од фудбалерите кој ги брани боите на македонската У19 репрезентација на квалификацискиот турнир за пласман во Елитна фаза на УЕФА каде што исто така со нов погодок ја потврди својата добра натпреварувачка форма ширум терените сезонава.

објавено: 15 ноември 2018 - 13:35

Ексклузивно за „СПОРТМЕДИА" говореше македонскиот У19 репрезентативец кој беше стрелец во ремито на првиот натпревар во квалификацискиот турнир во Чешка за пласман во елитната фаза за ЕП. Воедно говореше за настапите сезонава во дресот на У19 Келн во јуниорската Бундеслига - Запад.

Таму 18-годишниот фудбалер оваа сезона има учинок од осум голови во 10 натпревари (трет стрелец во шампионатот, а моментно неговиот клуб во генералниот пласман се наоѓа на второто место со 24 бодови, шест помалку зад У19 Борусија Дортмунд.

„Сезонава играм во добар ритам, физички сум добро подготвен, тоа ми носи добра форма и голови, стандарден сум во мојот тим поради тоа што играм без промени во формата и сум многу задоволен, како на индивидуален план така и екипно, бидејки мојот тим Келн засега е во горниот дел од табелата што не беше случај минатата сезона, имаме добра генерација на играчи која игра заедно веќе подолго време и тоа ни донесе добри резултати. Тешко е да се каже дали ќе бидеме први во нашата лига, но се надевам дека ќе ги задржиме овие добри резултати бидејки екипата игра стандардно и ефикасно", ни изјави Чурлинов.

Во првиот натпревар од квалификациите за пласман во елитната рунда за ЕП, македонската репрезентација за играчи до 19 години ремизираше 1:1 против селекцијата на Хрватска. Јакуп Бериша убаво го пронајде Чурлинов кој од непосредна близина стрелаше за водство и голема радост во 11. минута од средбата.

„По натпреварот со Хрватска на овој квалификациски турнир и освоениот бод, мислам дека имаме солиден тим, се ке зависи од мечот со Чешка во сабота. Ќе биде тешко против домаќинот, но ние не се предаваме против никој. Сложни сме во репрезентацијата, имаме добар селектор и мислам дека имаме солидни шанси за прогрес понатаму во овој квалификациски циклус", додаде македонскиот репрезентативец.

Квалификации за ЕП 2019

Група 3

1. коло (резултати)

Македонија-Хрватска 1:1

Чешка-Луксембург 2:1

Табела:

1.Чешка 3 бодови
2.Хрватска 1
3.Македонија 1
4.Луксембург 0

17. ноември
Хрватска-Луксембург (14:00 ч.)
Чешка-Македонија (17:00 ч.)

20. ноември
Хрватска-Чешка (17:00 ч.)
Луксембург-Македонија (17:00 ч.)

Следниот меч нашата У19 селекција ќе го има на 17. ноември против домаќинот Чешка, а последниот дуел е со Луксембург на 20. ноември. Место во Елитната фаза квалификации за Европско првенство обезбедуваат двете најдобри репрезентации од секоја група.

Најново во Фудбал