МАКЕДОНИЈА ИМ СЕ ВРАТИ НА ПОБЕДИТЕ

Бомбата на Барди го „скрши" Лихтенштајн (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Кога најмногу ни требаше распали Енис Барди. Проектилот од слободен удар во 50 минута ни ја отвори портата кон посакуваната цел – победата. Несторовски го завери триумфот во 91. минута

објавено: 16 ноември 2018 - 22:41

Од Вадуц,

Игор Д. Ивановски

Нервозна битка, затворен противник - но целта е исполнета. Македонија со победа се враќа од Вадуц со што е на бод до заверка на првата позивција на табелата во Лигата „Д" од Лигата на нации на УЕФА.

Нашите репрезентативци атакуваа уште од првата минута што побрзо да дојдат до водство, креирајќи шанси, првата посериозна ја имаше Хасани, но го погоди надворешниот дел од мрежата. Пресудниот момент на средбата се случи на почетокот од вториот дел кога Пандев е соборен на 17 метри. Домашниот фудбалер Сандро Веисер заработи втор жолт картон, а по само неколку секунди – БОМБААА! Проектил на Енис Барди со првиот негов гол од слободен во дресот со државните бои. Падна каменот од срце и потоа се беше многу полесно. Лихтенштајн со 10 играчи на теренот, набиен пред својот гол и без ниту една прилика по мрежата на Димитриевски.

Сепак непотребната нервоза кај нашите момци беше до самиот крај. Тоа се чувствуваше во играта. Во 70. минута Горан Пандев го тресе левиот дирек на Лихтенштајн, се закани Трајковски пет минути подоцна за да во самиот финиш нашите репрезентативци тргнаа со сета сила по вториот гол. Пандев има добра шанса, но нема добар агол, а потоа тандемот од Палермо ја заверува победата. Трајковски во 91. минута му асистира на Несторовски, кој лесно од 3-4 метри стрела за 0:2.

Спировски го повреди коленото
Стефан Спировски влезе во вториот дел од средбата но немаше среќа. По само десетина минути игра побара принудна замена. Се пожали на болки во коленото и беше заменет од Тошевски. Пандев има картони, Адеми има здравствени проблеми. За среќа играме дома против Гибралтар во понеделник.

Пандев ќе мора да чека за „стотката"
За жал во понеделник нема да се случи историја. Горан Пандев заработи жолт картон поради кој ќе го пропушти дуелот со Гибралтар во Скопје на кој по 100.пат требаше да го облече дресот со државните бои. Нашиот капитен ја плати сметката за нервозната игра на теренот при фаул врз противнички играч во 49. Минута или неколку секунди пред погодокот на Барди. Сепак има време за капитенот за неговиот јубилеј. Македонија е на само два чекори со пласман на ЕП 2020.

Ерменски навивачи го бодреа Лихтенштајн
Околу стотина навивачи на Ерменија се најдоа на „Рајн Парк" во Вадуц. Тие беа најгласни во поддршката на домашната селекција. Ја бодреа за да ни откине бодови со што нивната Ерменија би се вратила во игра за првата позиција на табелата. Нивната мисија беше неуспешна иако само чудо може да им донесе радост во последното коло од нашата група.

Лихтенштајн – Македонија 0:2 (0:0)
Стадион: „Рајн Парк", во Вадуц. Гледачи: 2.100
Главен судија: Петр Арделеану, од Чешка.
Ж. Картони: Виесер, Куинтанс (Л), Пандев (М)
Ц. Картон: Веисер 49'
Стрелци: Барди 50', Несторовски 91'
Играч на натпреварот: Горан Пандев

Лихтенштајн:. Бухел, Брандл (Ерне 75'), Гопел, Куинтанс (Еберле 75'), Сале (Ло Русо 75'), Веисер, Салановиќ, Мејер, Речстенер, Палверино.
Селектор: Рене Паурич

Македонија: Димитриевски, Ристевски, Муслиу, Тричковски (Спировски 76' – Тошевски 84'), Трајковски, Пандев, Хасани (Велковски 76'), Бејтулаи, Николов, Барди, Несторовски.
Селектор: Игор Ангеловски

РЕЗУЛТАТИ 5. КОЛО – Лига „Д"
Лихтенштајн – Македонија 0:2
Гибралтар – Ерманија 2:6
ТАБЕЛА:
1. Македонија 5 4 0 1 10:5 12
2. Ерманија 5 3 0 2 12:6 9
3. Гибралтар 5 2 0 3 5:11 6
4. Лихтенштајн 5 1 0 4 5:10 3
Идно 6. Коло (19.11.2018)
Македонија – Гибралтар
Лихтенштајн - Ерменија

Најново во Фудбал