ДВОЈНА КРУНА ЗА „ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“

ТЕТОВСКИ „ТАНЦ“ НА ДОЖДОТ: Шкендија со доминација го освои Купот!

Шкендија целосно ја оправда фаворитската улога, со целосно демотивираниот противник, дојдоа до вториот Куп пехар во својата историја

објавено: 23 мај 2018 - 21:55

И не се очекуваше ништо друго освен триумф на Шкендија и прва двојна круна во историјата. Во дуелот со Пелистер, битолчани дојдоа само да одиграат, и не можеа никако да се носат со големиот фаворит. На тетовските „црвено-црни", пак, не им пречеше ниту силниот дожд кој паѓаше во Струмица, за да ја „наполнат" мрежата на противникот, и да ја потврдат доминацијата во оваа сезона во домашниот шампионат.

После првиот дел само еден гол на Шкендија. Во 20. минута Хасани нафрла, а Муслиу со глава забива силно во мрежата на Атанасовски. Тетовци со уште 1-2 шанси, а ништо од Пелистер. Уште тука се гледаше дека Куп пехарот е на добар пат кон Тетово.

Во вториот дел момците на Ќатип Османи ја завршија работата. Најпрво на почетокот во 51. минута после една одбиена топка, Ибраими од пеналтикот погоди во горниот лев агол од голот на Пелистер за убедлива предност. Шкендија не застана тука, отиде и на трет гол. Тој дојде во 72. минута кога повторно иста „приказна" како по првиот погодок. Само овој пат Хасани нафрли од слободен удар, а Муслиу погоди, овој пат во долниот агол, и тука приказната заврши.

Шкендија слави, Шкендија е доминатна во оваа сезона, го потврди својот квалитет. Време е за долго славје во ноќта, најпрво во Струмица, а потоа и во Тетово. Тетовскиот тим има многу причини за среќа, за радост. Заслужено и едното и другото. Ова беше втор Куп пехар во историјата за тетовци, откако претходно ја освоија и втората титула во сезоната.

ФИНАЛЕ НА КУП
ШКЕНДИЈА - ПЕЛИСТЕР 3:0 (1:0)
Стрелци: Муслиу 21', 72', Ибраими 52'

ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ФИНАЛЕТО

ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ДОДЕЛУВАЊЕТО НА ПЕХАРОТ

Најново во Фудбал