ЛИГА НА ШАМПИОНИ, РЕВАНШ 3. ПРЕТКОЛО, „ФИЛИП ВТОРИ“ АРЕНА

Крај на приказната со „биковите“: Шкендија ќе брка групи на Лига Европа!!!

Откако на првиот натпревар Салцбург триумфираше со 3:0, вечерва на реванш мечот од третото квалификациско коло во ЛШ, македонскиот шампион Шкендија повторно загуби овојпат минимално со 0:1, гол постигнат во самиот финиш од средбата.

објавено: 14 август 2018 - 22:07

„Биковите" први дојдоа до сериозна шанса за реализација, но неуспешен во својот обид беше најопасниот кај противникот, Израелецот Дабур.

Три минути подоцна Ибраими се закани од слободен удар, но гостинскиот голман Станковиќ го блокираше неговиот удар. И Тотре се најде во прилика, но и тој не го пронајде патот до мрежата.

Во првите 20. минути без сомнение тетовци ги надиграа своите ривали, со повеќе интензитет и цел, но недостасуваа само погодоците.

За период од 180. секунди Ибраими го испроба двапати повторно својот удар од слободен удар, но остануваше непрецизен, Станковиќ одново правовремено реагираше. Во 41. минута Австријците се заканија овојпат преку Волф, а и Захов имаше што да каже на дуелот. Голманот на тетовските „црвено-црните" за кратко време излезе како победник и против Јабо.

Се обидува со сите сили нашиот шампион да дојде до посакуваните голови што би го направиле уште поинтересен овој дуел, а од друга страна како „незаинтересирани" делуваат играчите на Росе, но сигурно ги запираат сите налети на домаќините.

На стартот од второто полувреме до тие моменти најголема голема прилика за Шкендија од контра, но за жал Алими беше блокиран од непосредна близина. Можеше многу лесно да стигне казната на спротивната страна преку Волф, но Емини како дефанзивец не дозволи погодок.

Како на филмска лента се редеа шансите, Волф се изнапромаши, а истото може да се каже и за Ибраими кој никако не можеше да пронајде начин како да го „матира" расположениот Станковиќ. Во 65. мин. убав дриблинг на голгетерот на Шкендија да си обезбеди простор, имаше убав поглед кон голот, но немаше доволна сила неговиот удар и се редеа одбраните на противничкиот чувар на мрежата.

Ако некоја од екипите имаше поголема желба за погодок, тоа сигурно беше Шкендија која пред самиот крај на мечот имаше дури 17 обиди кон голот на Станковиќ, наспроти 11 колку што имаше противникот.

На крајот мораше да се помири со новиот пораз, севкупно не успеа Шкендија да ја анулира негативата од првиот дуел, сега ќе се насочува кон плеј-офот на Лига Европа како последна пречка за влез во групите. Најверојатно противник во таа фаза ќе и биде Розенборг кој триумфираше на првиот дуел во Ирска со 0:2 над Корк Сити, па возвратниот дуел во Норвешка треба да биде рутина.

Според најавите тимот на Османи ќе биде гостин на првиот меч во плеј-офот на ЛЕ на 23. август, а реваншот е во Скопје седум дена подоцна.

Фото: Петр Стојановски

-ЛИГА НА ШАМПИОНИ-
РЕВАНШ, 3. квалификацисколо коло

(прв натпревар, Салцбург-Шкендија 3:0)
„Филип Втори" Арена - Скопје

ШКЕНДИЈА-САЛЦБУРГ 0:1 (Минамино 90+2`)

Шкендија: Захов, Мици, Адили (Селмани 71'), Муслиу, Бејтулаи, Тотре, Алими, Жуниор, Емини (Шефити 86'), Нафиу (Бојку 46'), Ибраими.

Најново во Фудбал