СО КРСТЕ ВЕЛКОСКИ, ПО ЈУБИЛЕЈОТ - 50 ГОЛОВИ ЗА САРАЕВО

Уживам во головите, уживаат и навивачите

„Чувството е одлично, покрај тие 50 гола имам и 32 асистенции. Јас сум задоволен, но уште подраго ми е што задоволни се од клубот и од навивачите" вели капитенот на „бордо" тимот

објавено: 24 октомври 2018 - 15:00

Крсте Велкоски се запиша во историјата на Сараево. Стана најдобар стрелец странец во овој клуб со неговиот 50-ти постигнат гол пред неколку дена, со кој донесе триумф на својата екипа, предводејќи ја и со капитенската лента.

Велкоски веќе е како дома во Сараево, ги освои симпатиите на навивачите, и во интервју за „Спорт" вели дека засега не размислува да си оди, и сака да го одработи договорот со „бордо" тимот од главниот град на БиХ.

„50 гола не е лоша бројка. Чувството е одлично, станав најдобар стрелец на клубот од странците, затоа што првите 10 сите се домашни играчи. Покрај тоа имам и 32 асистенции и навистина не очеквуав дека ќе стигнам до оваа бројка кога доаѓав тука. Задоволен сум, но уште подраго ми е што се задоволни и од клубот и пред се навивачите", вели Велкоски.

ТИТУЛАТА ВО МИСЛИТЕ

Сараево во моментов има пет бодови предност на табелата на првото место. Оваа сезона тимот игра одлично, и тоа на крилата на Македонецот кој стана предводник на овој тим. Дали е на повидок нова титула?

„Рано е да се зборува за титула. Во моментов имаме пет бодови предност пред второплаисраниот, ако продолжиме со вакви игри, тогаш се надевам дека на крај ќе биде доволно да ја прекинеме доминацијата на Зрински и да бидеме шампиони", рече Велкоски кој додаде дека засега не размислува за заминување по кратките „одисеи" во Јужна Кореја и во Тајланд.

„Бев година и пол „отсутен" од Сараево на печалба во Јужна Кореја и во Тајланд, но одлучив да се вратам во Сараево затоа што тука сум како дома. Уживам голема почит од навивачите, тоа не е мала работа знаејќи дека оваа публика е „најтешката" пред која сум играл, но и најдобрата. Сакам да го одработам до крај договорот кој ми е до 2019, меѓутоа ако стигне некоја добра понуда за мене, а нормално и за клубот, подготвен сум да разговараме, но засега не размислувам да си одам", вели Велкоски.

НАЈДОБАР СТРАНЕЦ ВО ИСТОРИЈАТА

Во историјата на Сараево многу големи играчи постигнувале голови за овој клуб. Добривоје Живков е прв со 212 голови, а втор е Асим Ферхатовиќ кој постигнал 198 гола.

На десетата позиција е Алан Шкоро кој има 63 погодоци, а Велкоски е многу блиску да стигне до неговата бројка.

„Мило ми е што сум дел од историјата на Сараево најдобар стрелец странец во овој клуб. Сите тие кои ги набројавте се од поранешна Југославија, и сите беа домашни. Ете јас сум најдобар стрелец од странците, а за влез во топ 10 стрелци на клубот можам да влезам доколку го одработам договорот. Блиску сум, меѓутоа искрено не се оптоварувам со тоа. Важно е Сараево да освои титула, и кој сака нека дава голови", вели Велкоски.

МЕ РАДУВА АТМОСФЕРАТА ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА, КОНКУРЕНЦИЈАТА Е ГОЛЕМА

Како поранешен член на селекцијата на Македонија, Велкоски ги следи настапите на нашата селекција во Лигата на Нации. Вели дека освен поразот од Ерменија, Македонија чекори по вистинскиот пат, и како и на секој, желба му е да ја види селекцијата на Европско првенство.

„Иако веќе некое време не сум дел од националниот тим, нормално дека следам што се случува. Ме радува добрата атмосфера во селекцијата. Освен оној пораз со Ерменија кој за мене е неочекуван и според мене беше само еден лош ден, останатите мечеви беа супер. За мене можам да кажам дека сум секогаш подговен за селекцијата, но признавам дека сега конкуренцијата е голема и тешко се влегува. На селекторот е да одлучи, ако требам, јас сум спремен", вели стрелецот на шест гола во досегашниот тек од шампионатот на БиХ.

 

 

Најново во Фудбал