НА ВЕЧЕРАШНИТЕ НАТПРЕВАРИ ОД ТРЕТОТО КОЛО, 18:55 ЧАСОТ

Тричковски, Елмас, Ристовски и Адеми стартери вечерва во Лига Европа!

Денеска нови настапи за македонските фудбалски интернационалци во групната фаза од Лига Европа, а од првиот термин од 18:55 часот вкупно четири наши имиња се најавени како стартери за своите екипи.

објавено: 25 октомври 2018 - 18:03

АЕК Ларнака на домашен терен го пречекува Лудогорец, а за кипарскиот клуб од првата минута ќе игра Иван Тричковски, додека Даниел Мојсов е надвор од составот поради повреда на мускул.

Потоа, Елиф Елмас со турскиот гигант Фенербахче гостуваат во Белгија против Андерлехт, а триумф е секако во приоритет за тимот на Коку да ја одржи битката за првите две позиции кои водат во нокаут фазата.

Во истата група Д екипата на Динамо Загреб гостува во Словачка кај Трнава, а во стартните 11 се наоѓа Аријан Адеми.

И на последниот дуел во Лисабон, Спортинг игра со Арсенал, за португалскиот тим од првата минута ќе игра нашиот дефанзивец Стефан Ристовски. На спротивната страна иако се најде на списокот патници, Дејан Илиев не е ниту на клупата за резерви кај „топчиите", па останува само трета голманска опција кај тренерот Емери, после Лено и Мартинез.

Најново во Фудбал