ЕКС-МАКЕДОНСКИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ ПОВТОРНО ВО БУГАРИЈА

Тасевски: Во Левски сакам да ја завршам кариерата!

Дарко Тасевски не ја крие желбата да ја заврши кариерата во Бугарија, поточно во екипата на Левски.

објавено: 29 ноември 2018 - 09:30

Нашиот 34-годишен интернационалец кој изминатите пет години играше во Тајланд во изминатите 5 години, за бугарските медиуми рекол дека немал контакти со клубовите од таа земја, но посакува да игра уште една година-две и тоа во редовите на Левски, со цел да се врати на сите добри спомени во клубот од „Георги Аспарухов".

Да потсетиме, за Левски Софија играше во периодот од 2007-2012 год. со учинок од 108 натпревари и 21 гол, а во 2009. година ја освои и шампионската титула, како и два трофеи во тамошниот Суперкуп.

„За еден бод не успеавме да влезеme во најдобрата лига на Тајланд. Но, тоа е фудбалот. Мојот договор со Хон Каен (неговиот досегашен клуб) во Тајланд завршува. Моментно сум на одмор, паузирам. Сега сум во Бугарија и наскоро ќе одлучам што понатаму", рече Тасевски.

Тасевски истакна дека сака да се врати на бугарскиот шампионат каде што имаше убави моменти, сеќавања со Левски, а воедно и во тој клуб сака да ја заврши неговата кариера.

„Навистина тука сум се чувствувал најдобро. Дојдов како момче во Левски и заминав како човек. Имав среќа да играм со луѓе, многу добри играчи и тие ми помогнаа да се чувствувам добро и да се изградам себеси како личност".

Во Тајланд од 2014-2018 год. играше за Бангкок Глас, Суфанбури и Хон Каен, севкупно 114 мечеви (36 голови) со една титула во тајландскиот ФА Куп со Бангкок Глас. Според него Левски ќе биде најдоброто место да ја заврши својата професионална кариера.

„Посакувам, но тоа не зависи од мене. Секој што игра во Левски знае што значи овој клуб. Знае колку е убаво, но тоа не зависи само од мене. Лично не го знам сегашниот тренер на Левски, Славиша Стојановиќ. Наметнува еден напаѓачки стил во Левски, да се постигнуваат голови и секако бележат победи. Ние не се познаваме лично. Моето мислење за него е позитивно", се зборовите на Тасевски.

Најново во Фудбал