СТАРТУВА ЛИГА ЕВРОПА КАДЕ ИГРААТ СЕДУМ НАШИ ИНТЕРНАЦИОНАЛЦИ

Мрме во Загреб ќе ги гледа Адеми и Елмас

Селекторот вечерва ќе биде во ложата на „Максимир" од каде ќе го проследи мечот меѓу Динамо Загреб и Фенербахче.

објавено: 20 септември 2018 - 11:15

Вечерва со мечевите од 1.коло стартува Лигата на Европа. Меѓу 48 клубови има и наши интернационалци кои се пријавени за настап во своите клубови, тие се вкупно седуммина. Ако немаме фудбалери кои играат во Лигата на Шампионите, тогаш имаме во ова второ по ранг натпреварување.

ИМА ШАНСИ АДЕМИ ДА ИГРА

За нас најинтересно е она што ќе се случува на „Максимир" каде се среќаваат Динамо Загреб и Фенербахче. Секако најмногу поради тоа што капитен на „модрите" е Аријан Адеми, а Елиф Елмас ќе игра пак за гостите. Според нашите информации, иако е повреден, сепак постојат шанси Адеми да се најде во составот на Динамо Загреб. Овој натпревар ќе биде проследен од нашиот селектор Игор Ангеловски кој вечерва ќе се најде во ложата на „Максимир".
Тој секако дека ќе ја искористи можноста да се види и со Адеми и со Елмас.

НИКОЛОВ ПРОТИВ БАТЕ, ТРИЧКО СО ЦИРИХ

Бобан Николов и неговиот МОЛ Види ќе игра против Бате Борисов, овој натпревар се игра во Унгарија. Николов е во одлична форма, се надеваме дека ќе прикаже уште една добра „партија" во дресот на шампионот на Унгарија.

Иван Тричковски и Даниел Мојсов со својот АЕК Ларнака. Ќе ги одмерат силите во рамките на ова прво коло со Цирих, овој натпревар се игра на Кипар.

Не треба да се трошат зборови за тоа дека кипарскиот тим верува дека со извонредниот Тричковски, кој во последно време и тоа како ги тресе противничките мрежи, ќе може да дојде до подобар резултат во Лигата на Европа.

РИСТОВСКИ КОНТРА КАРАБАХ...

Стефан Ристовски лани со Спортинг Лисабон играше во Лигата на Шампионите, додека оваа сезона во Лигата на Европа. Вечерва „лавовите" ќе се сретнат со Карабах, меч кој се игра на нивни терен во Лисабон. Се надеваме дека сите овие горе споменати, од кои во најголем дел се и актуелни репрезентативци, ќе имаат добри сезона во Лигата на Европа пред се на задоволство на селекторот Игор Ангеловски.

ИЛИЕВ ЌЕ ЈА ЧЕКА СВОЈАТА ШАНСА

Дени Илиев е пријавен во УЕФА како еден од оние играчи на Арсенал кои би можеле да се најдат во составот на „топчиите" во случај на потреба. Илиев е пријавен со број на дресот 44. Секако дека не е во преден план кај тренерот Унај Емери, но којзнае, долга е сезоната.

Најново во Фудбал