ЛИГА ЕВРОПА: ВО ЛОЖАТА И МАКЕДОНСКИОТ СЕЛЕКТОР АНГЕЛОВСКИ

Дуел Елмас-Адеми на „Шукру Сарачоглу“

Аријан со Динамо Загреб веќе е во 1/16 финалето, во случај на триумф на Фенер, и Елиф Елмас ќе се пласира во следната фаза.

објавено: 29 ноември 2018 - 11:15

Вечерва неколкумина наши интернационалци ќе настапат за своите клубови во рамките на 5. коло во Лигата на Европа. Секако дека за нас најинтересно ќе биде во Истанбул каде во меѓусебен дуел силите ќе си ги одмерат Елиф Елмас со својот Фенербахче и Аријан Адеми со Динамо Загреб.

Ако „модрите" ја завршија својата работа претходно и се пласираа во 1/16 финалето во ова натпреварување, тоа не може да се каже за Фенер. Токму затоа Елмас вечерва ќе има поголеми мотиви од Аријан, од својот репрезентативен колега. Имено со три бода Фенер би се пласирал во следната фаза.

ВО ЛОЖАТА И СЕЛЕКТОРОТ АНГЕЛОВСКИ

Тој дуел не се пропушта од аспект на селекторот Игор Ангеловски, кој вечерва ќе биде во ложата на стадионот „Шукру Сарачоглу" во Истанбул. За Ангеловски и Елмас и Адеми се многу важни играчи во нашата репрезентација, па затоа Мрме во живо ќе го следи овој натпревар. Во последно време селекторот Ангеловски инсистира барем по еднаш или двапати во годината да ги посети сите свои избраници и во живо проследи некој значаен меч за нив.

НИКОЛОВ ГОСТУВА ВО БЕЛОРУСИЈА

Бобан Николов со својот МОЛ Види гостува во Белорусија, и тоа кај составот на Бате Борисов. Тоа ќе биде многу значаен натпревар за тимот од Унгарија, за тимот на нашиот репрезентативец.

Имено МОЛ Види е втор на табелата во својата група со три бода предност пред Бате Борисов и со реми веројатно ќе ја заврши својата работа, додека со пораз шансите се намалуваат, но сепак тие не исчезнуваат. Во таборот на МОЛ Види како и секогаш и сега очекуваат многу од македонскиот репрезнетативец на овој натпревар.

ТРИЧКО И МОЈСОВ ПРОТИВ ЦИРИХ

Иван Тричковски и Даниел Мојсов со АЕК Ларнака, вечерва гостуваат во Швајцарија, кај тимот на Цирих. Иако Тричко игра во одлична форма, постигнува голови и во Лигата на Европа, сепак тој и неговиот состав ги загубија сите шанси за европска пролет. Па така вечерашниот меч со Цирих за тимот од Кипар ќе биде само за докажување.

Ристовски се уште е во „аут"

Стефан Ристовски, десниот бек на нашата репрезентација се уште е во аут, и нема да биде во составот на Спортинг Лисабон на вечерашниот меч против Карабах кој се игра во Азербејџан. Тимот од Португалија и без Ристовски ќе мора да оди на добар резултат ако сака да ги задржи шансите за европска пролет.

Најново во Фудбал