КРИЗАТА ГИ НАПРАВИ „ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ" ДА ГАЗАТ СИГУРНО

Враќање на отпишаните!

Најтрофејниот клуб во земјава игра најконстантно во првенството, каде единствен незнае за пораз и на едно коло пред крајот на првиот од четирите натпреварувачки кругови на конкурентите им побегна четири односно пет бода

објавено: 2 октомври 2018 - 13:18

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар со десет освоени домашни шампионски титули е на вистинскиот пат да придодаде уште една во својата богата ризница со трофеи. По осум одиграни првенствени кола, скопските „црвено-црни" се вратија на победничките патеки. На едно коло пред крајот на првиот од четирите натпреварувачки кругови Вардар на конкурентите им побегна четири односно пет чекори во трката за титулата. Рано е да се промовираат во нови шампиони, но според досега прокажаното Вардар е тимот кој прикажа најмногу на теренот и покрај финансиската криза која го го погоди на старторт од сезоната. Беспарицата им задава големи главоболки на вардарци, кои лекот го најдоа во победите.

„ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ" ЕДИНСТВЕНИ БЕЗ ПОРАЗ ВО ПРВАТА ЛИГА
Откако лани направија историски успех, како прва екипа од мак-фудбалот која заигра во групната фаза од Лига Европа, на домашната сцена крахираше во трката за одбрана на титулата со Шкендија која на крајот им побегна неверојатни 35 бода ! Брзо се рехабилитираа „црвено-црните" од овој шок и покрај тоа што почетокот на сезоната со елиминацијата од аусајдерот Пјуник во квалифиакциите од Лига Еврпа им беше дополнителeн удар.

Го издржаа стоечки, со рокада на тренерската клупа од каде замина Бобан Бабунски, а продолжи Александар Васоски. Шок терапијата со тренерската смена делуваше кај Вардар. Васоски кој ја доби довербата да го наследи Бабунски, додавката в.д. (вршител на должноста) си ја избриша со постигнатите резултати. Успеа да ја врати вербата кај играчите, кои во изминативе осум кола се единствениот тим во прволигашкото друштво без пораз. Вардар игра сигурно. Не прима лесно гол. Има одбрана која најмалку капитулирала. На осумте меча само четирипати дозволила да биде матирана. Не постигнува многу голови, само 11, но се чини дека тимот на „црвено-црните играат на резултат. Покажуваат трпеливост. Не ги фаќа паника кога неможата да го пробијат противникот, ги чеката своите пет минути и кога ќе им се укаже прилика со едно затресување на мрежата на противникот го решаваат натпреварот. Така Вардар доби дури четири натпревари со минимален триумф.
Ако нешто му се смета на Вардар за „кикс" тоа е ремито со Беласица во Струмица, која токму по овој дуел во четвртото коло се разбуди и од дното тргна кон средината на табелата.

ВАРДАР НЕ ЗАИГРА КАКО ВИСТИНСКИ ДОМАЌИН
Кога на овие резултати ќе се додаде и фактот дека Вардар сезонава не заигра како вистински домаќин на „Арената" поради финасиските проблеми, туку противниците ги пречкува на „Борис Трајковски" во Маџари, тогаш овој победнички поход има потежок пат. Во Маџари, теренот е помал, а на „Арената" има должина и ширина. На овој простор противникот полесно и побрзо „црвено-црните" можат да го разоружаат. Тоа го покажа Вардар на дуелот со Работнички на „Арената" каде условно ја имаше улогата на гостин.
Се надеваат „црвено-црните" дека и ова ќе го реши клупската администрација и ќе им овозможи многу полесно да чекорат кон новата титула.

АКО ГИ ДОБИЈАТ КОНКУРЕНТИТЕ ГО РАСКРЧУВААТ ШАМПИОНСКИОТ ПАТ
Дали Вардар е на вистинскиот шампионски пат ќе има прилика да покажа во 9. и 10. коло, кога како домаќин ги пречекува најпрво Академија Пандев, а по репрезентативната пауза и актуелниот првак Шкендија со која ќе го почнат вториот натпреаврувачки круг. Сега Вардар на најблиските конкуренти им бега четири односно пет бода, и со евентуални два домашни триумфи на овие дуели ќе направи значителна бодовна разлика, а и ќе набилда самодверба која тешко ќе можат ривалите да му ја урнат.
Со Академија Пандев в сабота ќе биде затворен првиот од четирте натпреварувачки кругови. Како вели тренерот Васоски, тимот не гледа далеку. Оди сигурно чекор по чекор. За Шкендија со која на стартот од сезоната ремизраше во Тетово (2-2) не ни сакаат да помислат уште одсега. Сакаат да ги решат „академците" и во паузата да уживаат во резултатите со кои се надеваат дека ќе го натераат раководството час поскро да им ги реши финансиските проблеми, а од плеќите да им го симне товарот кој ќе им биде газдата.

Најново во Фудбал