ВАРДАР БАРА ГОЛ-ИГРАЧ ЗА ДА ПОБЕДУВА

Васоски: Немаме реализација, мораме да најдеме решение...!

Првиот стрелец Барсегјан можеби ќе го добијат „црвено-црните" во финишот од есенскиот дел после паузата, а младиот Ибиши кој може да ја зголеми конкуренцијата во овој состав сеуште ја нема санирано повредата.

објавено: 7 ноември 2018 - 17:00

Вардар од сигурен лидер до пред четири кола кога бегаше седум бода, сега е во позиција да ја брка Шкендија која поради подобрата гол-разлика, ги симна од врвот. Скопските „црвено-црни" имаат +10 гола (18:8), а тетовските +18 (30:12). И овој сооднос на постигнати и примени голови во изминативе 13. коло доволно зборува зошто Вардар ја загуби убедливата предност по првиот натпреварувачки круг и се симна на втората позиција.

БЕЗ ГОЛОВИ НЕ СЕ ПОБЕДУВА

По репрезентативната пауза, Вардар првенствената битка ја продолжи без својот прв стрелец и еден од лидерите во тимот ерменскиот интеранционалец Тигран Барсегјан, кој во првиот круг постигна четири погодоци.

Поради административни проблеми околу работната дозвола скопските „црвено-црни" го загубија Ерменецот, кој во меѓувреме се врати во Скопје, тренира со екипата, но чека да се завршат клупските обврски за да почне да настапува. Тоа го чини Вардар лоша реализација, загубена самодоверба...

„Не е до парите. Играчите имаат нагласена желба да се надигруваат и да победуваат. Тоа го демонстрираат на теренот. Имаме се, но не и реализација, па затоа ни се случи ова. Нема да плачеме. Ќе работиме да изнајдеме решение како да почнеме да постигнуваме голови и да останеме во рамноправна трка со Шкнедија. Ако успееме во тоа до крајот на есенскиот дел, многу работи ќе бидат на чисто, а ние како тим се надевам и посилни напролет да ја добиеме оваа шампионска трка", вели Александар Васоски, тренерот на „црвено-црните".

СЕ ПОВРЕДИ И МЛАДИОТ ИБИШИ

Покрај Барсегјан од истите причини не конкурира и рускиот интеранционален напаѓач Максим Максимов, а поради повреда иако се покажа како потенцијална замена во шпицот на нападот за овие искусни играчи не е и 17-годишниот Џемаил Ибиши. На четирите средби Вардар постигна четири гола од кои три на гостувањето во „Ѓорче" каде во фото- финиш стигна до многу значајни три бода.

Ако не се разбудат стрелците на „црвено-црните" тешко ќе го прескокнат в сабота и жешкиот терен во Чаир, против лутиот ривал Шкупи, а тоа ќе значи и губење на чекорот со лидерот Шкендија.

„Не е трагедија. Имаме до крајот уште два дирекни дуели со Шкендија. Во преден план е да се средат работите во клубот и верувам дека со некое засилување во зимскиот период напролет ќе биде друга песна", оптимист е Васоски.

Најново во Фудбал