ВАРДАР СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ДОМАШНИТЕ ОБВРСКИ

ВАСОСКИ: Не ни е сеедно!

*„Не му е сеедно на никому во клубот, но се обидуваме да се подготвиме најдобро и да го оправдаме нашиот рејтинг на домашната сцена, вели вршителот на должноста шеф на стручниот штаб на „црвено-црните".

објавено: 27 јули 2018 - 10:55

Вардар деновиве е актуелен во фудбалската јавност поради потресите кои се случуваат во и околу клубот со неговата натамошна судбина кој ќе биде газда. Овој проблем изби во преден план по двојниот пораз од аутсајдерот Пјуник и елиминацијата во првото квалификациско коло од Лига Европа.

Двата непријатни удари од ерменскиот Пјуник најторфејниот македонски тим не ги издржа на нозе. Се отворија многу прашања, одговори од челниците нема. Обидот да ја спасат ситуацијата и себеси со експресна смена на тренерската клупа од каде замина Бобан Бабунски, не им помина. Шанса да седне на првото жешко столче како вршител на должноста шеф на стручниот штаб доби Александар Васоски. Неговата ситуација околу натамошниот статус со додавката в.д. не е разјаснета. Но, тоа не е причина младиот стратег кој години наназад беше прв асистент во трофејните денови и историскиот успех на „црвено-црните" со настапот во групната фаза од Лига Европа минатата сезона, да се посвети на тимот за да го оправдаат домашниот рејтинг.

„Не му е сеедно на никому во клубот по елиминацијата од Пјуник. Тоа е во подсвеста на играчите, кои посветено работата на теренот. Се обидуваме да се подготвиме најдобро и да го оправдаме нашиот рејтинг“, вели Васоски, вршителот на должноста шеф на стручниот штаб на „црвено-црните".

Тимот е во тренинг центарот во Хиподром, настрана колку може да остане од потресите кои се случуваат околу Вардар, работи по двапати на ден, а поради одложувањето на стартот на првенството е во потрага по уште еден спаринг партнер.

„Викендов ќе имаме контролен меч, а поради поместениот почеток ќе треба да бараме и нов спаринг партнер за идниот викенд, за да влеземе во натпреварувачки ритам. Сакам да договориме генералка со силен ривал, и по можност да играме тука. Не ни е потребно ново подолго патување за посвежи да го чекаме стартот“, додава Васоски.

Најново во Фудбал