БЕЗ ГОСТИНСКИ НАВИВАЧИ, СО ГОЛЕМИ МЕРКИ ЗА БЕЗБЕДНОСТ

Вардар - Шкендија, дуел од висок ризик

Македонскиот вицепрвак, Вардар пред неделниот дуел со Шкендија излезе со неколку важни информации за оние кои ќе сакаат да го гледаат мечот на стадион. 

објавено: 18 октомври 2018 - 16:50

Дербито помеѓу Вардар и Шкендија закажано за во недела (14:30 часот) на стадионот „Борис Трајковски" во Маџари, е прогласен за натпревар од висок ризик, и поради тоа за него ќе важат посебни безбедносни мерки. Токму затоа од таборот на македонскиот вицепрвак излегоа со соопштение:

„Ве информираме дека вратите од стадионот ќе бидат отворени во 13:30 часот, и ќе бидат затворени во 14:20 часот, односно десет минути пред почетокот на натпреварот. Ги замолуваме и сите службени лица како новинари, фоторепортери и камермани да пристигнат најдоцна до 14:15 часот на стадионот.

Со оглед на високоризичноста на мечот, и за овој натпревар ќе важи забраната за гостински навивачи и симпатизери. На истите нема да им биде дозволен влез на трибините на стадионот.

При секое купување на билет, задолжително се покажува документ за лична идентификација. Влезницата чини 100 денари.

Забрането ќе биде внесување на секаков вид пиротехнички средства, тврди предмети, затоа апелираме до публиката да не носи на стадионот ваков вид на предмети, затоа што ќе им бидат одземени при самиот влез.

На крајот апелираме до сите симпатизери за фер и коректно однесување и навивање на трибините. Да покажеме спортска почит и да докажеме дека Вардар заслужено полека се враќа онаму каде што му е местото - на врвот на табелата“, велат од Вардар.

Најново во Фудбал