„ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“ СО „ГРИЖИ“ ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА ПРОЛЕТТА

Вардар направи солиден тим, но постојат неколку „проблеми“

Вардар прими гол на секој пријателски натпревар одигран зимава, не беше донесен нов напаѓач, туку „црвено-црните“ се решија да подмладуваат, а прашање е колку „звучниот“ среден ред е воигран

објавено: 12 февруари 2019 - 16:00

„Црвено-црните“ несомнено направија солиден тим за настапите во пролетниот дел од сезоната. Со тоа за Вардарци не би требало да биде доведено прашањето излезот во Европа идното лето. Но, има неколку проблеми со кои стручниот штаб ќе се соочи, барем за првите неколку кола од пролетниот дел, покрај повредите на Попзлатанов, Новак и Попов. 

Одбраната на Вардар во овој подготвителен период се покажа како „ранлива“ и примаше барем по еден гол на секој одигран „тест“. Освен на мечот со Подбрезова, Вардарци примаа по два и повеќе голови од сите противници. Тоа значи дека токму тука треба да се поработи. А, „црвено-црните“ во минатото важеа за тим со гранитна одбрана, онаа која ги носеше титулите. И сега има искусни имиња, репрезентативци поранешни и сегашни, но проблемот е присутен и покрај тоа што голманската позиција остана непроменета. Тимот доби лев бек во Жуниор, позиција низ која се менуваа многу играчи во есенскиот дел. 

Средниот ред, повторно е „звучен“, од оној кој ги стартуваше подготовките пред еден месец.  На тие позиции играа млади играчи, меѓутоа со враќањето на Битанг, и со потписот на Фелипе, дефинитивно може да се каже дека Вардарци и тоа како ќе имаат квалитетен среден ред, надополнет тука и со Најдовски и со Мицевски. Но... Битанг подоцна се приклучи на подготовките, Фелипе сега пред неколку дена. Прашање е прво подготвеноста на двајцата, а после воиграноста. Битанг беше тука и во есенскиот дел, меѓутоа ги пропушти цели подготовки, не играше на ниту еден пријателски меч. Истото е и за Фелипе кој што сега се соочува со сосема нови играчи во средниот ред и во нападот отколку кога беше дел од Вардар пред една година. 

Во нападот Вардар доби играч во Даниел Аврамовски кој што игра повеќе како офанизвен играч од средниот ред. И тој подоцна пристигна, и прашање е дали и колку ќе биде воигран. Вардарци се решија да не купуваат ново име во нападот, и покрај заминувањето на Максимов и на Барсегјан во овој преоден рок. „Црвено-црните“ сега ќе се потпрат на Лира, и на младите Колевски и Ибиши (двајцата по 18 години). 

Крилните позиции, доживеаја многу рокади во изминатите месеци. Васоски можеби ќе треба да импровизира уште на стартот (Битанг играше крило со Академија Пандев). Освен Битанг, за тие места конкурираат и Попзлатанов и Цветаноски, како и Аврамовски. Попзлатанов нема да може поради повреда да игра на првите неколку меча, а Аврамовски не играше со Академија Пандев поради грип. 

Вардар има квалитетен состав, но има и проблеми кои што прашање е дали ќе има време да се решат. Извадат ли добар резултат во првото коло во Тетово со Шкендија, тогаш проблемите и тоа како ќе бидат заборавени, а четата на Васоски одново во игра за титулата. 

 

Најново во Фудбал