РАБОТНАТА ГРУПА КОЈА ГО ВОДИ ФФМ ЗАКАЖА СЕДНИЦА

УО на ФФМ утре ќе расправа за изборното Собрание

За утре е најавена првата средба на „фудбалската влада" без довчерашниот претседател Ѓорѓиоски на која треба да се распишат избори за негов наследник.

објавено: 30 јули 2018 - 12:25

Тричлената работна група, во состав: Мухамед Сејдини - Мети актуелен потпредседател, Светозар Станковски и Дарко Димовски членови на Управниот одбор, која е привремено раководно тело на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) закажала седница на „фудбалската влада" за утре. Собирот во ФФМ ќе биде на тема изборите кои му претстојат на мак-фудбалот за претседател по повлекувањето на првиот човек Илчо Ѓорѓиоски.

Ова ќе биде прва работна средба на раководството на ФФМ без довчерашниот претседател Ѓорѓиоски, кој со своето повлекување го отвори патот за избор на нов предводник во мак-фудбалот. Неофицијално се највува дека по завршувањето на административните работи околу подготовката на Собранието и комплетирањето на делегатите со кандидатите кои имаат амбиции да се тркаат за најпривлечната фотелја во најбогатата спортска асоцијација, од чии редови треба да биде избран наследникот на Ѓорѓиоски, изборите во ФФМ може да бидат закажани за крајот на септември.

Засега својата кандидатура за претседател официјално ја најави само Влатко Костов од Штип, а неофицијално во оваа трка се најавува дека ќе се вклучат Харалампие Хаџиристески поранешен претседател и Вујадин Станојковиќ.

Најново во Фудбал