Трансфер - бомби „пукаа" во мак - фудбалот!

Агим Ибраими (Шкендија), Хуан Фелипе (Вардар), Баже Илијоски (Работнички) и Кристијан Стојкоски (А.Пандев) се најзвучните трансфери во нашата Прва лига оваа зима. Имаше и други „бомби", но овие го свртеа вниманието на нашата спортска јавност

објавено: 12 февруари 2019 - 08:00

Синоќа точно на полноќ, заврши зимскиот преоден рок за сезоната 2018/2019. Голем број трансфери, голем број ангажмани, но без некои поголеми пари за отштета. И сега клубовите најчесто купуваа играчи со слободни документи или пак со спогодбен раскин на договорите.

Имаше повеќе трансфер - бомби кои „пукаа" од 15 јануари до 11 февруари, но секако дека треба да се одбележат оние на Агим Ибраими (Шкендија), Хуан Фелипе (Вардар), Баже Илијоски (Работнички) и Кристијан Стојкоски (А.Пандев).

Агим за еуфорија во Тетово...

Шкендија има добар, одличен тим кој игра заедно веќе неколку години. По заминувањето на Буба Хасани, и по повредата на Бесарт Ибраими, на тетовци им требаше ѕвезда, и тие ја добија во името на Агим Ибраими. Кога Шкендија го официјализира трансферот, владееше еуфорија под Шара, едвај се чека недела и мечот со Вардар за да се види Агим. Покрај него Шкендија го ангажираше и Зени Хусмани.

Вардар го врати Фелипе, Работнички, пак, Баже...

Вардар кој до пред неколку денови беше во агонија сепак успеа да се снајде. Успеа да го плати долгот и да добие „виза" од УЕФА за можен настап во Европа. Токму затоа „црвено - црните" потрошија многу пари за враќањето на Хуан Фелипе, тука е и Даниел Аврамовски. Работнички пак го врати Баже Илијоски, а ангажираше уште девет квалитетни имиња. Блажевски, Силјановски, Стојчевски, Бразилецот Кабрал, Бугарите Дулгеров и Вијачки, Ерменецот Манојан, Петровиќ, Ѓоргиевски значат и екстра силен Работнички.

Стојкоски „одлета" од Чаир, „слета" во Струмица

А. Пандев премногу не се расфрлаше со ангажман на нови имиеа, но затоа го донесе одличниот Кристијан Стојкоски, потоа и Стојан Велинов, го врати Александар Мишов, тука е Филип Трајановски. „Пандевци" ќе имаат уште посилен тим, достоен да игра во Европа. Силекс повеќе загуби отколку што доби, си заминаа неколку стандардни имиња, беа донесени неколку на чело со Србинот Рајковиќ. Ренова пак одлично пазареше, ангажираше дури девет нови имиња, а го задржа и Влатко Стојановски. Оваа Ренова е силна, бидете уверени.

Остоја повторно „лав", Шкупи со неколку нови имиња

Македонија ЃП исто така би требало да има посилен тим од есеноска. Донесени се тројца нови фудбалери од Бразил, и тоа квалитетни, а најголемо засилување доби во Остоја Стјепановиќ. Шкупи загуби неколку значајни играчи, но успеа да донесе неколку странци. Победа и Беласица си имаа проблеми. Факт е дека прилепчани немаат доволно финансии и не успеаја да донесат којзнае што, додека Беласица доцна се екипира и не можеше поактивно да се вклучи на трансфер - пазарот.

Со оглед на тоа дека некои клубови уште ги немаат официјализирано сите свои нови имиња, „Спортмедиа" во текот на викендот, непосредно пред стартот на новата сезона, ќе ги објави сите трансфери во нашите десет прволигаши. 

 

 

Најново во Фудбал