ВО МЕЧ КОЈ ЗА ДОМАЌИНОТ Е ВЕРОЈАТНО „ДА СЕ БИДЕ ИЛИ НЕ“...

„Стапица" за Вардар на „Младост"

Загуби ли Беласица и против Вардар сериозно ќе биде доведена во прашање ситуацијата на тимот по само четири минати кола од новиот шампионат.

објавено: 1 септември 2018 - 13:00

Нема дилеми дека во таборот на Беласица долго време го чекаат гостувањето на Вардар на стадионот „Младост" во Струмица. Уште од кога за струмичани првата лига стана реалност, а тоа е доста одамна со оглед на нивниот супериорен од до „елитата".

Е сега проблем е за нив што Вардар во Струмица пристигнува во многу незгоден момент. Кога на Беласица и е потребен поволен резултат односно освојување бод како на „жеден вода" што се вели. „Нулата" на нивното конто по три одиграни кола „боде очи" и затоа денеска од 16:15 часот на „Младост" избраниците на тренерот Марјан Живковиќ ќе направат се за да ја поправат ситуацијата, да ја узмерат во позитивна насока. Тоа нема да биде лесно секако, Вардар игра добро на стартот на шампионатот.

„Ранетиот лав е најопасен", изјави тренерот на „кенгурите" пред два дена алудирајќи на фактот дека Беласица нема освоено бодови, но е потребно веројатно само еден меч за да нештата се променат. Струмичани си велат, зошто тоа да не биде токму против Вардар, победа која би имала двојно значење. И бодовно, но и психолошки екипата би се вратила онаму каде што и е местото.

Вардар пак во новото првенство покажа дека може да се справи со најголемиот ривал, одигра реми во Тетово против Шкендија, а од друга страна пак, покажа и дека е кадарен да освои што се вели веќе впишани бодови како оние против Македонија ЃП минатото коло. Александар Васовски, тренерот на Вардар го презема тимот тихо и без многу врева, но очигледно дека годините минатит како дел од стручниот штаб на тимот, кај популарниот Тетовче и тоа како оставиле трага, и создале капацитет да се води тимот.
Дарко Мицевски смета дека тоа што Беласица е последна на табелата не значи ништо во моментов.

„Во три натпревари, вклучувајќи го тука и оној меч од Купот на Македонија, имаме серија од три победи, и посакуваме истата да продолжи и после утрешниот натпревар со Беласица. Тоа што играме против последнопласираниот тим кој што и натаму е без бодови, нема да не залаже. Ќе мораме да го дадеме максимумот, затоа што сигурно ќе играме против една мотивирана екипа која што ќе сака да докаже против нас. Ќе мора секој фудбалер на Вардар да даде се од себе на секој натпревар, без разлика дали играме со првиот или последниот тим", вели Мицевски.

Стандардно како и минатиот пат, кога тимот на Работнички беше домаќин во вечерниот термин в сабота, „романтичарите" ќе го пречекаат моменталниот лидер на табелата и единствениот тим со перфектен скор по три кола, тимот на Академија Пандев.

Ова се две екипи кои дијаметрално спротивно го стартуваа шампионатот. Работнички лесно прима голови, се мачи во дефанзива, на потешкиот начин доаѓаше до бодовите. Загуби на стартот од Ренова, со четири гола во мрежата, потоа, го пречека Силекс и со него се мачеше, за да во Битола против Победа, конечно ја сочува мрежата, што автоматски значеше и три бода.

Од друга страна пак, Академија Пандев е во сосема спротивна положба. Се обидува да го задржи перфектниот статус сезонава. На три меча има освоено максимален број на бодови и што е уште поважно нема примено гол. Пристигна и Шиков уште еден плус, и во Академијата не можат во моментов да се пожалат на ништо. Сепак, мора да се напомене, а тоа и да го запомнат избраниците на Југослав Тренчовски дека и минатата сезона Академија Пандев го стартуваше шампионатот добро, беше на самиот врв на табелата за потоа да уследи драстичен пад на формата и период во кој десетина кола не беа освоени бодови.

27. ШАМПИОНАТ НА МАКЕДОНИЈА

ДВОЈКИ ЗА 4. КОЛО

ДЕНЕСКА ( 16:15 ЧАСОТ)
ТЕТОВО: РЕНОВА - МАКЕДОНИЈА ЃП
СТРУМИЦА: БЕЛАСИЦА - ВАРДАР
КРАТОВО: СИЛЕКС - ПОБЕДА
САБОТА, 20:00 Ч
СКОПЈЕ: РАБОТНИЧКИ - А.ПАНДЕВ
НЕДЕЛА (16:15 ЧАСОТ)
ШКУПИ - ШКЕНДИЈА

Најново во Фудбал