ТЕТОВЦИ НЕ СМЕТААТ НА НИГЕРИЕЦОТ

ШКЕНДИЈА СЕ „ОСЛОБОДУВА" ОД ВАКИЛИ!?

Фактот дека е ангaжиран Гледи Мици и дека Вакили не е со екипата во Салцбург, кажува многу

објавено: 9 август 2018 - 15:00

Алма Вакили најверојатно заврши со својот престој во Шкендија. Левиот бек кој дојде во Тетово од Тракаи во јануари по се изгледа дека во иднина нема да го носи „црвено - црниот" дрес на шампионот и освојувачот на националниот Куп.

Дали Шкендија се „ослободува" од овој млад фудбалер останува да се види во следниот период. Но фактот дека пред три недели беше ангажиран Гледи Мици, еден од најдобрите леви бекови во Албанија и фактот дека Вакили не е со екипата во Салцбург, веројатно кажува многу.

Се чини пресуди оној настап на Вакили во Освестри (Велс) на реваншот кај ТНС во рамките од првото квалификациско коло во Лигата на Шампионите. Тогаш Шкендија загуби со неверојатни 0:4, сите што настапија беа лоши, но се чини Нигериецот беше катастрофа.

БЕШЕ ДОНЕСЕН КАКО ГОЛЕМО ЗАСИЛУВАЊЕ

Да кажеме и тоа дека Вакили беше донесен како големо засилување. Добриот настап за Тракаи токму против Шкендија во ланските квалификации за ЛЕ, му беше најголема препорака за трансферот под Шара. Но, сепак, во изминатите 7-8 месеци Вакили имаше повеќе шанси, играше на повеќе натпревари, добиваше солидна минутажа, но се виде дека тој е далеку од квалитетите на еден Мевљан Мурати, екс младинскиот репрезентативец и еден од нашите најдобри леви бекови. Сега тука е Мици и се чини дека толку од престојот на Вакили во Шкендија.
Остануваат само техникалиите како тоа Шкендија да најде модус да „раскине" со интернационалецот од Нигерија.

Најново во Фудбал