БИТОЛСКИОТ КЛУБ ЈА ПОКАЖА СВОЈАТА ХУМАНА СТРАНА

Пелистерци донесоа новогодишна радост во училиште во Битола (ФОТО)

објавено: 27 декември 2014 - 10:14

ФК Пелистер ја покажа својата хумана страна, откако за новогодишните празници го посети ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола. Фудбалерите, стручниот штаб и управниот одбор, ги израдуваа најмладите со новогодишни пакетчиња и спортска опрема со заштитниот знак на клубот, а тие, пак подготвија приредба за гостите. Во клима на обострано задоволство, наредна средба си закажаа на градскиот стадион под „Тумбе кафе“.

„Сакам во името на нашиот клуб и професионалците и големата армија навивачи да им ги честитам новогодишните празници на овие млади момчиња и девојчиња и се надевам дека барем малку ги израдувавме. Благодарност до директорката на училиштето, која ни овозможи да бидеме гости. Ова нема да биде наша единствена хуманитарна акција. Ние и во иднина ќе организираме и хуманитарни натпревари и ќе помагаме каде тоа ќе биде потребно“, изјави Димче Шеровски, претседателот на Пелистер.

Тренерот Ѓоко Хаџиевски посочи дека ова е само уште едно ново лице на Пелистер, по стартувањето на новиот проект.

Покрај тоа што значи фудбалскиот проект многу значајна е и оваа социјална димензија. Затоа денес сум среќен што видовме многу насмеани лица, задоволни ученици и верувам дека пак ќе ги посетиме. Ние се наоѓаме на почетокот на нашиот проект и во сите фази ќе растеме и се надевам ќе бидеме пример за останатите“, рече Хаџиевски.

Зоран Мишевски

Најново во Фудбал