ШКЕНДИЈА БИЛА ВНИМАТЕЛНА ЗА ДУЕЛОТ ПРОТИВ РЕНОВА

Османи: Првенството не е завршено, можевме да освоиме повеќе бодови!

Тимот на Шкендија го заврши есенскиот дел од Првата македонска фудбалска лига со висока победа на гостувањето кај Ренова во тетовското градско дерби (0:3).

објавено: 3 декември 2018 - 10:45

Така, првиот дел од шампионатот актуелниот бранител на титулата го заврши на првото место со 40 бодови, пет повеќе од второпласираниот Вардар, а 10 од Академија Пандев на третата позиција.

„После поразот од Академија Пандев бевме внимателни за дуелот со Ренова и од аспект на самодовербата, на крајот одигравме тактички многу добро, максимално дисциплирани и како резултат на сето тоа дојде убедливата победа. Бевме рационални во играта, ако го исклучиме почетокот на второто полувреме кога Ренова презеде мала иницијатива, мислам дека во текот на целиот меч бевме на потребното ниво, како што и треба секогаш да бидеме", рече тренерот на Шкендија, Ќатип Османи.

Иако недостасуваат важни играчи како Ибраими, Жуниор, Радески, и веќе одреден период Бејтулаи, за Шкендија радува фактот што се појавуваат нови млади перспективни фудбалери како Нафиу, Бојку, Имери и Зејнулаи.

„Сигурно, имам фудбалери во тимот кои што вредат, тоа го покажаа и на оваа средба и дефинитивно ме радува тој факт".

На крајот шефот на стручниот штаб даде своја проценка за настапот во есенскиот дел од шампионатот оваа сезона кој го заврши со задоволителна предност пред останатите. Неговиот тим има само два порази и тоа на домашен терен од Победа (0:2) и Академија Пандев (0:1).

„Разликата е пет бодови, но ова е само првата половина од шампионатот и не треба да мислиме дека првенството е завршено. Остануваат и мечевите од пролетниот дел. Ако направиме краток осврт на досегашниот дел од шампионатот, мислам дека Шкендија можеше да освои и повеќе бодови. Кога го кажувам ова, мислам на натпреварите што ги загубивме овде во Тетово", заврши Османи.

Сега стратегот на тетовските „црвено-црните" бара од своите играчи да го свртат вниманието кон реванш четвртфиналниот дуел в среда против Победа во Купот на Македонија. Да потсетиме, по првиот меч прилепскиот тим има предност од 1:0.

Најново во Фудбал