ПРЕГЛЕД НА НАСТАПИТЕ НА НАШИТЕ КЛУБОВИ ВО ЕВРОПА ВО 2018

Нема трета среќа за Шкендија, Џерард во Скопје

Лани Вардар на блескав начин се пласира во групите во Лига Европа. Оваа година тоа никој не го повтори, Шкендија и по третпат се „сопна" во плеј – офот. Хонвед и Пјуник беа пресилни за Работнички и Вардар, Шкупи имаше двобој со Глазгов Ренџерс предводен од Стивен Џерард.

објавено: 31 декември 2018 - 15:00

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Лани го славевме Вардар, клуб кој за првпат во историјата на мак –фудбалот успеа да се пласира во групната фаза во Лигата на Европа. Во оваа 2018 година тоа никој не успеа да го повтори.

Тргнавме со четири клубови и само Шкендија успеа да мине две пречки, да се пласира во плеј – офот во ЛЕ. Но таму повторно, по третпат се сопна и не успеа да го оствари сонот.

Блесок со ТНС и Шериф, Розенборг се провлече

Шкендија по вторпат во својата клупска историја играше во квалификациите во ЛШ. Првата пречка беше ТНС од Велс. Блесок на Бесарт Ибраими на првиот меч и триумф од 5:0. Катастрофа на реваншот, пораз од 0:4. Среќно минување во следната фаза каде чекаше молдавскиот Шериф Тираспол. Победа во Скопје од 1:0 и реми без голови на реваншот. Тетовци си закажаа дуел со Ред Бул Салцбург во 3.квалификацско коло во ЛШ. Австријците беа пресилни, Шкендија загуби со вкупни 0:4. Тоа значеше пласман во плеј-офот во ЛЕ. Во 2016 подобар беше Гент, следната година Милан, оваа Розенборг. Во Норвешка на првиот меч пораз на тетовци од 1:3. Во реваншот во Скопје супер игра, барем 3-4 идеални шанси, на 0:0 Шкендија преку Ибраими и Емини не погодија од белата точка. Трагедија. И толку беше од сонот...

Пјуник и Хонвед си поигруваа со Вардар и Работнички

Соседите, нашите најтрофејни клубови, Вардар и Работнички не успеаја да ја минат првата пречка во квалификациите во ЛЕ. Ерменскиот Пјуник со вкупни 3:0 славаше над Вардар, а унгарскиот Хонвед со вкупни 5:2 беше подобар од Работнички. „Романтичарите" може да се пофалат дека сепак победија дома и тоа со 2:1. Додека Вардар преводен од Бобан Бабунски се посрамоти.

Шкупи солиден против гигантот Глазгов Ренџерс

Шкупи го доби најсилниот можен ривал на стартот од квалификациите во ЛЕ. Големиот Глазгов Ренџерс, на чија клупа дебитираше Стивен Џерард. Чаирчани не беа лоши, напротив. Во Шкотска загубија со 0:2, во Скопје ремизираа 0:0. По завршување на двомечот самиот Џерард го пофали нашиот клуб, сепак разликата во квалитетот беше на страната на „ренџерси".

Билансот во Европа низ бројки:

ШКЕНДИЈА: 8 2 1 5 7:13
ВАРДАР: 2 0 0 2 0:3
РАБОТНИЧКИ: 2 1 0 1 2:5
ШКУПИ: 2 0 1 1 0:2
ВКУПНО: 14 3 2 9 9:23

 

Најново во Фудбал