ФУДБАЛЕРОТ НА ШКЕНДИЈА ПРЕД ГРАДСКОТО ДЕРБИ ВО ПРВАТА ЛИГА

Мици не е загрижен: Без сомнение, на крајот ќе бидеме шампиони!

Тетовските „црвено-црни" предводени од тренерот Ќатип Османи после осум кола во шампионатот се на третата позиција со 15 бодови, пет помалку зад лидерот Вардар, а на второто место е Академија Пандев со 16.

објавено: 6 октомври 2018 - 10:15

Шкендија во минатото коло од првенството ремизираше 0:0 на гостувањето кај „пандевци", Османи истакна дека реализацијата мора да биде подобра во наредните дуели.

Веќе в сабота ќе имаат шанса да им се вратат повторно на головите и тоа во градското дерби против Ренова со почеток од 15:00 часот.

Новото летно засилување, левиот бек Гледи Мици не само што верува во победа овој викенд над Ренова, туку и верува во освојување на шампионската титула, односно нејзина одбрана.

„Од моментот кога дојдов, убаво се чувствувам во клубот. Пред нас имаме дерби, како и секогаш максимално се подготвуваме и одиме на трите бода. Како што беше против Вардар, сакам и сега да бидат полни трибините на стадионот. На тој начин и ние ќе имаме поголема мотивација за играње. Без сомнение оваа сезона одиме на титулата. Последните неколку мечеви не ни беа најдобри, но целта на тимот е бидеме на врвот и тоа ќе го реализираме од наша страна. Ми се допаѓа менталитетот секогаш да се напаѓа во текот на натпреварите, а не да се браниме. Нормално, мојата задача е во дефанзивниот дел, но исто така настојувам да асистирам и постигнувам голови", рече фудбалерот на Шкендија, Мици.

Да додадеме уште дека Шкендија го доби противникот во четвртфиналето од фудбалскиот Куп на Македонија, ќе ги одмери силите против екипата на Победа од Прилеп.

Најново во Фудбал