СЕ ПОДГОТВУВА ЕГЗОДУС ОД НАШИОТ НАЈТРОФЕЕН КЛУБ

Мицевски побарал да си оди од Вардар!?

Неофицијално дознаваме дека Дарко Мицевски, играчот за врска кој летово дојде во Вардар побарал раскин на договорот. Тешка криза го „тресе" најтрофејниот клуб. Шест месеци играчите се без плата

објавено: 29 август 2018 - 12:00

Се подготвува ли вистински егзодус или народски кажано „бежанија" од редовите на нашиот најтрофеен клуб? Имено иако тимот игра добро под водство на тренерот Александар Васоски, освои седум од максималните девет бода, сепак не само што не е „розово" во Вардар туку е и црно, многу црно.

Имено Дарко Мицевски, искусниот играч за врска пред неколку денови побарал, така барем велат нашите информации, од клубот раскин на договорот. А Мицевски дојде летово во Вардар. Побарал да си замине поради тешката криза која го „тресе" клубот и поради фактот дека играчите не земале плата најмалку шест месеци. А тој бил само првиот, или барем еден од оние кои јавно побарале да си замине. Дознаваме дека најмалку уште четворица - петорица, исто така имаат намера, или тоа веќе го сториле, да си заминат.

И БАРСЕГЈАН НА ИЗЛЕЗНА ВРАТА

Од друга страна пак Тигран Барсегјан, еден од најдобрите играчи во моментов во Вардар е пред трансфер. За него се најавуваше дека има понуди, но засега тој остана во клубот. Сепак, откако работите никако да тргнат во позитивна насока, желбата на интернационалецот од Ерменија е да си оди што побргу. Уште ако се знае дека преговорите со градот Скопје за превземање на клубот тешко одат, тогаш навистина проблемите во Вардар се усложнуваат.
Штета, силен и голем Вардар им треба на сите, посебно на конкурентите за посилна лига.

 

 

Најново во Фудбал